Пропадна и третиот обид на Градот да најде концесионер кој би го осовременил Луна паркот, а за возврат ќе управуа со него во следните 30 години. Ниту еден од економските оператори што подигнале тендерска документација не доставил понуда.
На денешната седница на Советот на Градот, на дневен ред е и одлуката за за поништување на постапка за воспоставување на јавно-приватно партнерство за изградба на Луна паркот. Градската власт и покрај неуспешноста на тендерите повеќепати до сега најави дека не се откажува од идејата Скопје да добие современ забавен парк.
Според проектот, новиот Луна парк, треба да се гради на површина од 40.000 квадрати, а комплетната реконструкција би чинела од 9 до 12 милиони евра. Новиот парк ќе има современи реквизити и атракции за забава, угостителски објекти, затворен дел за играње, дел за продажба на сувенири, паркиралиште и техничка инфраструктура.
Нерентабилноста на проектот, што ја покажа физибилити студијата, наспроти огромната сума потребна за изградба на паркот, е основната причина за незаинтересираноста на инвеститорите.
Но, и покрај тоа, Градот досега беше дециден дека нема намера да ја субвенционционира изградбата на новиот Луна парк.
Скопскиот Луна парк е изграден во 1973 година и зафаќа околу 20 илјади квадратни метри.