Снежно утро во Скопје

Скопјани утрово се разбудија во снежна идила. Снегот што почна да врне уште од синоќа донесе радост за најмалите, но и предупредување за внимателно возење, бидејќи ниските температури ги замзнаа улиците и тротоарите и го отежна движењето на сообраќајот и пешаците.

Од градската власт информираат дека од почетокот на снежните врнежи се фрлени 150 тони сол на градските булевари и улици.

Екипите на зимската служба интервенираат низ градските сообраќајници и на критичните точки, односно на сите мостови, клучки, надвозници, подвозници и високите зони кон Водно, Пржино, Железара, како и на сите други таканаречени „црни точки“ во градот.

Воедно, Градот апелира куќните совети и сопствениците на деловните објекти да се придржуваат до законската обврска за чистење на снегот од приодите до нивните објекти.

Според најавите денеска попладне ќе не’ зафати силен студен бран каков што сме немале во изминатите неколку години. Се очекува снег на планините до 50 сантиметри, а во Скопје до снежната покривка ќе биде меѓу 10 и 15 сантиметри.

Во петок попладне снежните врнежи ќе престанат, но времето ќе биде многу студено.