Советниците на ВМРО-ДПМНЕ ја прекинаа седницата во општина Гази Баба

Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ во Општина Гази Баба како мнозинство во Советот донесе одлука денешната закажана седница да ја прекине и да ја одложи на неопределено време.

-Оваа наша одлука е во знак на поддршка за неправедно притворените и обвинети за тероризам, наши браќа и сестри Македонци, кои си ја сакаат својата татковина. Како срамна и скандалозна ја оценуваме категоризацијата на делото и неправедно ставање во притвор. Истото го сметаме единствено за политички реваншизам. Бараме итно и неодложно ослободување од притвор на сите неправедно притворени. Бараме да престанат политичките конструкции и реваншизмот, односно да бидат повлечени измислените обвиненија, нагласува Тони Бојковски, претседател на Советот на Општина Гази Баба.

Тој истакнува дека излегуваат со вакво барање затоа што Игор Дурловски, Богдан Илиевски, Митко Чавков, Жаклина Пешевска, Борис Дамовски, Јохан Тарлуловски, Владо Јовановски и сите останати не се терористи.