Спасов: Штип наскоро ќе добие дневен центар за децата со аутизам

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов одговарајќи на пратеничко прашање во однос на  отворањето нов дневен центар за деца со аутизам во општина Штип, рече дека очекува во првата половина на оваа година целосно да биде завршен дневниот центар и да биде пуштен во функција.

– Во рамките на програмата на Владата на РМ е предвидено реализација на ваков проект којшто е во напредна фаза на реализација. Обезбеден е објектот во кој треба да биде сместен дневниот центар, во завршна фаза се практично градежно-занаетчиските активности за реновирање и адаптација на самиот објект со цел негово целосно прилагодување за потребите за децата со аутизам за општина Штип и околните општини, истакна Спасов.

Очекуваме, додаде тој, во текот на февруари да завршат сите градежни активности. – Дополнително и Центарот за социјани работи во Штип ја распишува во моментов јавната набавка и откако ќе следи објавување на повикот за избор на изведувач кој ќе го опреми дневниот центар согласно потребите на овие деца со соодветна опрема по стандардите коишто се наведени во Законот и подзаконските акти, рече Спасов.

На прашање во врска со градинката што се наоѓа во општина Лозово и има капацитет од 40 деца, министерот Спасов рече дека се запознати со состојбата и оти комуницираат со градоначалникот и со општината.

– Средствата коишто се потребни за реновирање и санирање на санитарните јазли се навистина мала сума и тоа можело досега да го направи и самиот директор на градинката Свети Николе или градоначалникот на општина Лозово. Меѓутоа, поради тоа што во досегашниот период како одговорни лица тие тоа го немаат направено МТСП ќе излезе во пресрет со околу 150 илјади денари…, истакна министерот за труд и социјална политика.

Заменик министерот за одбрана Арбен Лабеништа одговарајќи на пратеничко прашање во врска со вработувањето на нови професионални војници во АРМ, рече дека Министертвото има отворено јавен оглас за 250 професионални војници.

– За овој конкурс направивме прес-конференција со цел да се запознае пошироката јавност и истовремено сите млади кои ги исполнуваат критериумите да конкурираат за професионални војници и нивниот број да биде што поголме, рече тој.

Додаде дека останале малку денови за поднесување документи за  овој јавен оглас и во оваа прилика упати апел до младите лица да ја искористат  можности да станат дел од Армијата на Република Македонија.

– По неколку дена ќе отпочне селектирањето на поднесената документација од лицата кои конкурирале. Потоа ќе дојдат другите фази како медицинска и психолошките контроли, како и други активности за селектирање од апсект на физичката подготовка на кандидатите, рече Лабеништа и додаде дека во март ќе се знаат карајните резултати на лицата кои ќе се стекнат со статус-професионален војник.

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески одговарајќи на пратеничко прашање во однос на изградбата на канализацискиот систем во селата Лажани и Враништа, струшко, рече дека општина Струга има на располагање еден милион и 448 илјади евра, средства што Владата на РМ ги обезбеди во соработка со Европската инвестициона банка.

– До денеска општина Струга нема пополнето целосно документи и нема доставено проект кој е одобрен од страна на Европската инвестициона банка. Сеуште има време општината Струга овој канализациски систем да го стави како приоритет преку Советот и да достави целосен проект, рече Јанакиески.

На пратеничкото пррашање за автопатот Гоце Делчев, односно патот од Скопје до Штип, министерот Јанакиески рече дека веќе се гради со засилено темпо.

– Пробиени околу 45 проценти од самата траса и некаде одколу 23 проценти од земјените работи се завршени. Во моментов се работи на 26 пропусти или вкупен прогрес на градежни активности некаде околу 7,5 проценти, нагласи тој.

Според Јанакиески, на оваа траса нема никакви проблеми и очекува целосно потпишаниот договор за градбата да заврши некаде во мај 2017 година.

Во однос на експресниот пат Велес-Штип до Кадрифаково, Јанакиески посочи дека овој патен правец се реализира во три фази.

– Првата фаза од 6,3 км е целосно завршена, втората од 8,9 км. градежните работи се завршени околу 33 проценти, истите се очекуваат да завршат кон крајот на оваа година, додека третата и последна фаза која започна со градежни активности некаде при крајот на минатата година се очекува да завршат во првата половина од 2016 година, нагласи минстерот за транспорт и врски.

Во однос на изградба на патниот правец Куманово со граница Република Бугарија, односно конкретно делницата Ранковце-Крива Паланка, Јанакиески посочи дека овој проект е предвидено во првата фаза да се реализира на ниво на експресен пат.

– Се проектира така да може во иднина иститот да прерасне на ниво на автопат. Должината е 22 километри, а широчина 12,5 метри. Самата инвестиција е проценета на 66 милиони евра, рече министерот Јанакиески и додаде дека во фаза е изготвување на проектната документација.

Според него, се очекува во текот на оваа година документацијата да биде завршена и целокупниот проект да биде одобрен од Светската банка, а потоа во првата половина од 2016 година да започнат и градежните активности кои би траеле некаде до 2018 година.