
Владата на Република Македонија не е надлежна за исплатата на регресот за годишен одмор или К-15 во приватниот сектор, оцени министерот за труд и социјална политика Диме Спасов во одговор на прашање на денешната прес-конференција во Владата, пренесе МИА.
– Регресот за годишен одмор во приватниот сектор не е утврден со измена на закон, ниту пак Владата на Република Македонија направила измена на закон со цел да се овозможи исплата на К-15. Станува збор за право кое се дефинира со Колективен договор, во овој случај со Општиот колективен договор во приватниот сектор што го потпишуваат работодавачите и синдикатите, појасни Спасов.
Тој потенцира дека Владата не учествува во процесот на колективно договарање.
– Секое дефинирање на ваквото право зависи од согласноста помеѓу репрезентативните организации на работодавачи од една страна и репрезентативните синдикални организации од друга страна, рече Спасов.