Списокот за присутност на пратениците денеска пред комисија

Листата за присуството на сите 123 пратеници во првите шест месеци од работата на Собранието е подготвена и според најавите, шефовите на пратеничките групи и потпретседателите на парламентот, заедно со претседателот Трајко Вељаноски, денеска ќе ја достават до Kомисијата за деловнички и мандатно-имунитетски прашања. Доколку координаторите со претседателот заклучат дека извештајот нуди материјал за постапување, тој ќе биде проследен до собраниската Kомисијата за мандато-имунитетски прашања, која единствена има надлежност да ја почне процедурата за одземање на мандатите на опозициските пратеници предводени од СДСМ, за неоправдано шестмесечно отсуство од Собранието, пишува Дневник.

Сепак, без оглед на заклучокот на Kомисијата, дали 31 опозициски пратеник и дефинитивно ќе останат без мандати, ќе треба да одлучи Собранието за што ќе биде потребно двотретинско мнозинство или 82 гласа.

– Генералниот секретар на Собранието, Жарко Денковски, го подготви списокот и се очекува на координацијата тој да биде разгледан и доставен до комисијата. Извештајот за присуството на сите 123 пратеници не содржи квалификации „оправдано“ и „неоправдано“ отсутни оти тоа може да го утврди само надлежната комисија. Во извештајот ќе има формулации пратеникот „со најава“ или „без најава“ отсуствувал од пленарна седница. Ни на координацијата кај Вељаноски не може да се заземе став дали опозициските пратеници неоправдано отсуствувале, туку само може да проценат дека во извештајот има индиции или материјал кој треба да се проследи до надлежната комисија – вели извор од Собранието, пишува Дневник.

Kомисијата за деловнички и мандатно-имунитетски прашања врз основа на извештајот ќе треба да донесе заклучок дали отсуството на пратениците е неоправдано и да предложи одземање на пратеничките мандати.

Доколку на денешната координација се утврди дека извештајот содржи материјал за натамошно проследување, тој ќе биде доставен до Kомисијата, која, пак, во рок од 15 дена ќе треба да закаже седница на која ќе расправа за мандатите на опозициските пратеници. Ова значи дека Kомисијата има рок до 1 декември да закаже расправа за таа точка, но кога ќе се одржи седницата, одлучува претседателот. Со ова се добива на време за да се даде шанса на политичкиот дијалог меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, дополнително што одлуката на Kомисијата ќе треба да биде доставена до претседателот Вељаноски, кој ќе треба да закаже пленарна седница.

Пратениците по расправата треба да одлучат дали ќе ја прифатат препораката на Kомисијата или не. Согласно со Уставот, на пратеник му се одзема мандат со двотретинско мнозинство. Доколку се одземе мандат на пратеници, почнува нова процедура за пополнување на нивните места со следен на листата од која тие се предложени, односно до дополнителните избори ако никој не прифати да стане пратеник.

Според она што е познато, како неоправдано отсутни би требало да се водат 31 пратеник од коалицијата на СДСМ од 10 мај, првата конститутивна седница, до сега не се појавиле во парламентот, а притоа пред почетокот на секоја седница Вељаноски не ги чита како оправдано отсутни, пишува Дневник.