ССК: Црвена рѓа – нова болест што им се заканува на житата

рѓа

Нов вид рѓа што ги напаѓа житата и драстично ги намалува приносите, од Италија се проширува кон Хрватска и Србија, предупреди денеска Агробизнис комората при Сојузот на стопански комори (ССК) и апелира состојбата будно да се следи, како и да се преземат навремени, превентивни мерки за заштита.

жито

Станува збор за т.н. црвена рѓа што досега ја немало во Македонија, но е позната во Европа.

– Добро е деновиве земјоделците и фитопатолозите да бидат на терен и внимателно да ја следат состојбата за да се реагира навреме, превентивно, ако се утврди дека има потреба. Неопходно е, исто така, и третирање со фунгициди кога ќе се процени дека се поволни временските услови, рече претседателот на Комората Огнен Оровчанец на прес-конференција.

Тој напомена дека лани во Италија црвената рѓа ги намалила приносите за 70 отсто. Болеста се појавила на Сицилија.

И српските медиуми пишуваат дека оваа, како што ја нарекуваат, нова, исклучително деструктивна и агресивна болест, годинава би можело да се прошири во регионот. Според нив, ФАО препорачува дека во овој момент е многу важна соработката на експертите од меѓународните институции и од државите кои произведуваат пченица за спречување на ширењето на болеста.