ССМ: Со вработувањата се решава децениски проблем

Владината мерка со која над 3000 лица кои се вработени во државните институции, по основ на волонтерски договори, договори за дело, авторски договори или друг вид на договори на определно работно време, ќе бидат вработени на неопределено време за Сојузот на синдикати на Македонија е од исклучително значење бидејќи со неа се решава еден децениски проблем со кој се соочуваа работниците.

-ССМ смета дека оваа мерка е од исклучително значење пред се што се реализира во услови на една економска криза. Претставува конкретен чекор за подобрување на статусот на работниците. Ова е историски, деценески проблем кој уште од осамостојувањето на Р.Македонија беше присутен и еве за првпат се решава на ваков начин, истакна преседателот на ССМ Живко Митревски.

Тој посочи дека станува збор за регулирање на работниот однос на огромен број на луѓе, околу 3000 работници кои работат во тие институции кои немаа решен статус не беа внесени во системот на социјално и пензиско осигурување.

-Сметам дека со ваквата мерка не само што ќе се реши нивниот статус туку е и конкретен чекор за решавање на проблемот кој што децении наназад и ние како Синдикат постојано го постатувавме и баравме. Овој чекор исто така ќе биде конкретен придонес и со самиот факт ќе се вклучат тие луѓе, ќе примаат плата и ќе биде регулиран тој работен однос, ќе се трансформира како работен однос на неопределнео работно време, истакна Митревски.

Оцени дека преку решавање на статусот на тие работници ќе дојде и до зголемување на јавната потрошувачка со тие средства што ќе ги примаат и би се решил еден егзистенционален проблем со кој конкретно се соочуваат тие луѓе.