Ставете појаси, паѓаме за шест минути

За време на чартер летот од Сплит до Нант, пилотот низ плач на патниците им рекол дека еден мотор откажал и наскоро ќе паднат во морето.

Ова се случило во авион на француската компанија Јуроп Ерпост, а како што пишува Дејли мејл, патниците почнале панично да плачат и да врескаат.

Инцидентот, според туристот Бенјамин Жерар, се случил на 23 август, кога тој патувал со неговата сопруга и ќерките.

Пилотот на авионот на патниците им рекол да стават појаси, затоа што до падот има уште само 6 минути.

Жерар вели дека почнале да се случуваат невообичаени работи брзо по полетувањето.

– Рече дека ќе мораме принудно да слетаме во Венеција, а притоа се пошегува дека тоа ќе биде одлична можност за посета на градот, додава Жерар.

Но патниците не биле премногу воодушевени од неговата шега, а работата дополнително тргнала наопаку откако преку радио им рекол да ги стават заштитните појаси и да отстранат секаков накит од себе.

– Ни рече дека ќе мора да слетаме во море и дека може да дојде до експлозија. Сите беа преплашени, дури и екипажот. Едниот стјуард го фати паника, а другиот пребледе и немо гледаше што се случува. Следниот пат кога ни се обрати, пилотот плачеше. Рече дека имаме уште шест минути до падот, но дека не треба да паничиме. Луѓето во задниот дел од авионот врескаа, вели патникот.

Драмата се завршила со принудно слетување на аеродромот во Венеција, а Јуроп Ерпост денес тврди дека ситуацијата не била толку драматична и дека безбедноста на патниците не била загрозена.