Стојановска-Стефанова: Одговорната политика ќе не’ однесе во нови победи

М-р Анета Стојановска-Стефанова, член на ИК На ВМРО-ДПМНЕ, е родена 1982 година во Штип и е универзитетски асистент-докторанд на Универзитетот „Гоце Делчев” во Штип во научна област меѓународни односи и историја на дипломатија.

Автор е на повеќе стручни трудови во реномирани домашни и меѓународни списанија и зборници од областа на правото, политичките науки и меѓународната политика.

Коавтор е на книгата „European and Regional Experiences in the field of transportation politics: Comparative practices. Analyses. Recommendations”.

Во својата работна кариера била ангажирана како практикант во Собранието на Република Македонија преку програмата на американскиот Национален Демократски Институт (НДИ), била шеф на кабинет во ЈП Водовод и канализација-Скопје и државен советник во Министерството за транспорт и врски на Република Македонија.

Добитник е на наградата за посебни заложби од страна на Канцеларијата на УСАИД во Скопје, за докажано лидерство и континуирана поддршка во процесот на развој и имплементација на Автоматскиот Систем за распределба на ЦЕМТ дозволи, како и за раст на транспарентноста, чесноста и посветеноста во рамките на проектот на УСАИД, наречен ЕВлада.

 

03

  1. Која порака сака да ја испрати партијата со новиот Извршен комитет?

Стојановска-Стефанова:  На Репубика Македонија и претстои време кое бара енергичност и заеднички напори. Предизвиците пред кои сме исправени како држава и народ бараат посветеност и одговорност за носење на мудри одлуки.

Новиот состав на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ има за цел да даднесе нови и свежи идеји, нова енергија во делувањето на партијата. Освежениот ИК е спој на искусни и млади докажани кадри, професионалци кои со своето искуство и потенцијал оставиле личен белег во сферите на делување и кои се подготвени да работат за добробит на граѓаните на Република Македонија.

ВМРО-ДПМНЕ е најголем политички субјект на политичката сцена во Република Македонија, па оттука да се биде член на раководното тело на оваа партија, претставува чест, но и уште поголема обврска и одговорност, правилно да се артикулираат барањата и интересите на нашите членови, но и на сите граѓани со кои партијата е во постојан контакт и кои во неа гледаат надеж за подобро утре.

Поаѓаме од главното и најстарото барање во политиката кое е темел на нашата партиска доктрина, а тоа е да се има добар живот во заедницата, да се овозможат предуслови за подобар живот на граѓаните, грижа за опстанокот и развојот на заедницата, на околината и иднината на државата. Независно што сме во опозиција нашата заложба за развој на државата и остварување на заслуженото полноправно членство во ЕУ и НАТО и понатаму продолжува.

  1. Каков придонес ќе даде новиот освежен ИК?

Стојановска-Стефанова: ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија е јадро околу кое се ориентира мнозинството на граѓаните во Република Македонија. Како што знаете, ВМРО-ДПМНЕ е народна партија со демохристијанска ориентација, која се заснова врз христијанско поимање за човекот и дава етичка основа за одговорна политика. Оттука како што напоменав, во нашиот фокус на водење одговорна политика, ќе биде реалниот човек и како да му се овозможи подобар и просперитен живот. Почитувајќи го достоинството и слободата на другите луѓе, ние ќе се залагаме и правилно да ги пренесеме ставовите за важни општествени прашања. Веќе на есен, пред нас се локалните избори, кои се клучни за добро функционирање на општеството. Нашата партија како што е познато во минатото наметна политички тренд на отвореност на институциите и граѓанска инклузивност во водење на политиката, но и посети во секое населено место за да се слушне гласот на поединецот и тој тренд ќе го задржиме, во изготвувањето на програмата за локалните избори. Граѓаните знаат дека нивните идеи и нашиот даден збор, секогаш се преточени во дела и конкретни резултати и затоа ни веруваат и не’ поддржуваат.

Раководството на ВМРО-ДПМНЕ е на терен, преку средби со граѓаните слушаме за локалните прашања кои се отворени, кои ги засегаат и треба да се решат.

Денес младите луѓе се позитивна движечка сила и промотор на новите вредности во општеството и државата. Младиот човек не смее да биде пасивен наљудувач, туку активен чинител во општеството. Ние сакаме да ги задржиме младите луѓе во државата и ќе се стремиме тие да имаат поголемо учество во креирањето на политиките и донесувањето на одлуки поврзани со иднината. Затоа ова работно лето, и претставниците на Унијата на млади сили остваруваат средби, ги слушаме и младите и нивните потреби и идеи, како еден од важните предуслови за креирање на прогресивен и модерен пристап за водење на политиките во едно општество.

Слушајќи ги граѓаните и делувајќи во согласност во партиските документи, Извршниот комитет ќе помогне партијата да се исправи пред новиот предизвик и да победи на претстојните локални избори.

 

  1. Кое е Вашето мислење за ребалансот на Буџетот и кратењето на средства во повеќе сегменти?

01Стојановска-Стефанова: Нашата политичка концепција се темели врз рамката на сеопфатен развој во државата. Освен економскиот раст и новии вработувања, за нас е исклучително важно да се има квалитетно образование, да се води грижа за иднината на нашите деца уште од предучилишна возраст, да се има грижа за ранливите групи, за лицата со посебни потреби, но и да имаме квалитетен здравствен систем, добра транспортна и комунална инфраструктура, развиен туризам, чиста животна средина, развиено земјоделие, одржлив локален развој и т.н.
Таа грижа Владата на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од претседателот Никола Груевски ја покажа во изминатите години, преку целосна реализација на изборните програми и дадените ветувања, но и преку реализација на многу дополнителни проекти кои не биле ветени, а се покажале како потребни за граѓаните. Впрочем фактите и бојките тоа го говорат.

Ние на секои избори настапуваме со програма во која предвидуваме проекти и прецизни рокови за реализација, а по истекот на мандатот презентираме Отчет пред граѓаните како мерлива алатка за реализацијата на предизборните ветувања.

Со политичките промени, иако ВМРО-ДПМНЕ е партија во опозиција, нашата грижа за државата и за поединецот не престанува. Напротив, станува понагласена. Затоа преку своето делување нашата пратеничка група во Собранието на Република Македонија поднесе амандмани за да се спречи кратењето на средствата за капиталните проекти, кои цениме дека водат кон забавување на развојот и стагнација на државата. Свесни сме дека нашата држава е млада демократија и нејзиниот развој побарува големи и континуирани вложувања во различни сегменти, за да резултатите станат видливи.

Нашите пратеници во Законодавниот дом поднесоа амандмани за значајни ставки како што се, изградба на основни училишта, инвестиции во животната средина, изградба на канализациони и водоводни мрежи во општините, модернизација на АРМ, да се спречи кратење средства во образованието, да не се кратат средства за реконструкција на студентски домови и други кратења но, како што знаете и покрај ветената отвореност и демократичност, досега ниту еден амандман не беше прифатен од страна на власта.

  1. Со ребалансот на Буџетот се кратат средства и за проекти за изградба на градинки, центри за социјална работа, но и во образованието?

Стојановска-Стефанова: Владата на ВМРО-ДПМНЕ отвараше градинки за кои сметам дека се важен предуслов за згрижување и воспитување на млади генерации, но новата власт го занемари тој тренд и ги скрати средствата. Само за илустрација Владата на СДСМ со ребалансот на Буџетот скрати 12.396.000 денари помалку за градежни објекти од ставката за изградба, опремување и одржување на објекти за детска заштита, односно помалку за изградба и одржување на детски градинки. Секој кој ја поддржува оваа политика го поканувам да ги посети градинките и да се запознае со состојбата во која се згрижуваат и воспитуваат најмладите.
Ребалансот предвидува и 13.000.000 денари помалку за центри за социјална работа и завод за социјални дејности, 3.000.000 денари помалку за установи за институционална социјална заштита на посебни категории на граѓани, 28.000.000 денари помалку за изградба, опремување и одржување на објекти за социјална заштита и домови за стари лица.

За жал, со буџетскиот ребаланс средства се кратат и во сите нивоа на образованието. Државата им обврска да им помогне на младите да се образуваат, да го развијат својот идентитет и да станат фактор кој придонесува за развој на заедницата.

Но за жал, власта со ребалансот предвидува 44.533.000 денари помалку за Универзитет „Свети Кирил и Методиј“-Скопје, 10.040.000 денари помалку за Универзитет „Свети Климент Охридски“ во Битола, 21.840.000 денари помалку за Унивезитет Гоце Делчев- Штип, 26.592.000 денари помалку за Универзитет „Мајка Тереза“, 54.080.000 денари помалку за Универзитет за информатички технологии во Охрид. Кратењето на средства доаѓа од Владата на СДСМ, истата која што во предизборието ветуваше развој на образованието, инвестиции во образованието, подобрување на образованието.
Понатаму, во сферата на образованието се кратат и 15.000.000 денари за преведување и печатење на стручна литература, 75.000.000 денари помалку за изградба на новите згради на ФИНКИ и ФФК, 62.522.000 денари помалку за научни иститути во Република Македонија, 5.000.000 денари помалку за научно – истражувачка работа, 5.000.000 денари помалку за опремување лаборатории, 25.000.000 денари помалку за изградба на основни училишта, 8.000.000 денари помалку за реконструкција на основни училишта, 15.000.000 денари помалку за изградба на средни училишта, 7.000.000 денари помалку за реконструкција на средни училишта, 105.240.000 денари помалку за изградба на училишни спортски сали во основни училишта, 9.100.000 денари помалку за професионален развој на воспитно образовниот кадар.
Скратени се средства и од други ставки кои се подеднакво важни. Иако во предизборието СДСМ редовно одеше во студентските домови и даваше изјави дека таму состојбата е катастрофална, со ребалансот на буџетот скрати и 155.000.000 денари за изградба и реконструкција на студентски домови, со што ја покажа својата негрижа и кон студентите.

Знаејќи дека во Република Македонија времето на политичари популисти, кои ветуваат, а не исполнуваат е завршено, ние очекуваме на локалните избори да стигне првиот одговор од граѓаните за водењето на неодговорна и популистичка политика на власта, а ВМРО-ДПМНЕ да извојува убедлива победа.