Стојковски: Во станот на Шилегов има четири фирми, од кои две се негови

Петре Шилегов молчи за скандалот во кој е заглавен до гуша. Наместо да дава одговори на јавноста од каде му се 700 евра месечен приход за имот кој никаде не постои, тој и понатаму излегува во јавноста со манипулации, вели Александар Стојкоски, пратеник од редовите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

„Тоа е крајно бесрамно и говори колку овој човек живее во паралелен свет. Ако не сака да одговори за оваа закупнина, тогаш Петре Шилегов како експерт за кирии во СДСМ би го прашале за уште еден сосема друг случај во кој тој е директно вмешан. Дали г-не Шилегов е точно дека во вашиот стан на булевар Кузман Јосифоски Питу 19/5-4 од 87 метри квадратни во Скопје има пријавено дури  4 фирми кои функционираат во тој еден стан? Од овие 4 фирми, две се во сопственост на Петре Шилегов, адвокатско друштво Шилегов и партнери и Нов осигурителен брокер АД Скопје,  но многу позначајно е што  две од фирмите не се во негова сопственост, Блек Стоун Холдинг ДОЕЛ и Урбан Солутионс ДОЕЛ“, обвини Стојковски.

Тој посочи дека и покрај тоа што Шилегов во Државната Комисија за Спречување Корупција лажно пријавил приход од 700 евра, тој  не пријавил ниту дека овие две фирми кои не се во негова сопственост и функционираат во неговиот стан за што треба да му плаќаат закупнина. Овој приход Шилегов и вакви договоро нема пријавено во Антикурупциска Комисија.

„Дали г-не Шилегов имате склучено договор за закупнина со некоја од фирмите кои функционираат во вашиот стан и ако имате зошто тој не е пријавен? Дали г-не Шилегов ги имате пријавено средствата кои евентуално ги примате на име кирии, за што имате законска обрска, и колкави се тие кирии? Г-не Шилегов не одговоривте како остварувате месечен приход од 700 евра на име закупнина од имот кој не постои, но мора да одговорите каков приход остварувате од станот во ваша сопственост. Доста се криете зад измислените обвинувања за други, зошто вие самиот сте заглавени до гуша со сомнителни случаи за кои ќе мора да одговорите. Г-не Шилегов вие во вашиот Анкетен лист немате никаде пријавено дека остварувате било каква кирија на име на станот кој го поседувате на булеварот Кузман Јосифоски Питу. Петре Шилегов очигледно е поврзан со голем број скандали. Прво се откри дека добива 700 евра месечно од непостоечки имот и од неидентификуван извор, а сега второ, гледаме дека во неговиот стан има пријавено 4 фирми, од кои две не се во негова сопственост, за кои нема пријавено никаква закупнина“, истакна Стојковски.

Тој го повика Шилегов да даде одговори за ова, како и за тоа на кој начин стекнал имот вреден еден милион евра

„Кажете како во еден стан од 80-тина квадрати функционираат 4 фирми. Која фирма ја сместивте во кујната, која ја сместивте во дневната, која на терасата, а која фирма во спалната соба? Тоа што СДСМ и Петре Шилегов  молчат само ни даваат до знаење  дека овие сомневања се вистина“, посочи  Стојковски.