Македонија

Странските инвестиции го раздвижија домашниот бизнис

Странските инвестиции го раздвижија домашниот бизнис

Зајакнува соработката меѓу домашните компании и странските инвеститори. Сѐ повеќе се користат потенцијалите на македонската индустрија. Се зголемува бројот на странските компании кои набавуваат репроматеријали од домашните фирми, сѐ повеќе се ангажираат локални фирми за изработка на одредени компоненти, а домашните компании стануваат и сервисери на опремата на компаниите во зоните. Многу домашни компании вршат трнспорт и логистика за странските, а домашните градежници ги градат нивните фабрики, пишува Лидер.

Според експертите, ефектот се гледа преку преку отворањето на индиректни работни места, пред се во домашните компании кои соработуваат со странските инвеститори, како и преку ефектот на конкурентност.

-Има голем број на домашни компании, кои покрај секторот услуги, успешно соработуваат со странските компании, и компаниите кои произведуваат за нив. Еве на пример во случајот на Џонсон Мети- две домашни компании станаа добавувачи на глобално ниво. Има голем број компании кои се вклучени во сервисирање на опрема, на машини, а истовремено и изработка на делови за нив. Вкупната бројка е околу 500 компании, кои активно работат и соработуваат со компаниите во зоните, вели првиот човек на ТИРЗ, Виктор Мизо.

Освен тоа што домашните компании кои се поврзани со странските имаат сѐ повеќе работа, истовремено тие профитираат и од трансфер на знаења и технологии. Од друга страна, странците ги намалуваат трошоците за набавка и времето за достава.

-Со тоа ќе има помали производствени, транспортни и други трошоци, ќе се заштедат време и капитал. Значајна придобивка од ваквата синергија ќе бидат размената на технологии, знаења, вештини, ќе се отворат нови работни места, домашните фирми ќе се интегрираат во глобалните економии, смета Хуан Педро Хименез Наваро, претседател на Советот на странски инвеститори во Република Македонија и главен извршен директор на АрцелорМитал Скопје.

Компаниите имаат капацитет, конкуренцијата се заострува

Советот на странски инвеститори во земјава смета дека македонските фирми имаат капацитет и ги исполнуваат стандардите. Истовремено, ги поттикнуваат странските компании што повеќе да ги користат за да добијат поевтини производи и да ги намалат трошоците. Преку новиот Бизнис директориум, кој вчера беше промовиран, странците ќе имаат директен пристап до сите информации за домашните фирми, потребни за да донесат одлука и да започнат соработка со нив.

-Оваа иницијатива придонесува кон намалување на зависните трошоци за посредување во областа на соработката. Станува збор за една номенклатура и директна соработка помеѓу бизнис секторот на странските инвеститори во Република Македонија. Моделот е поевтинување на трошоците за посредување, кои се движат од 2 до 7 проценти во рамките на меѓународните посредништва. Имајќи го предвид целокупното ангажирање и нивото на висината на средствата кои се вложуваат, како во гринфилд, така и во браунфилд инвестиции, тоа не се мали суми, смета универзитетскиот професор Сашо Кожухаров.

Компаниите кои соработуваат со странските инвеститори, според досегашните искуства стануваат поконкурентни, генерираат повисок економски раст, отвораат нови работни места.

Домашните компании преку странските излегуваат на глобалниот пазар

Според последните податоци на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, извозот на компаниите во зоните е зголемен за 28% во првите три месеци од годинава. Вкупната вредност на производите кои завршиле во странство надминува 325 милиони евра. Според надлежните, ваквиот тренд се очекува да продолжи и да го надмине рекордот од минатата година, кој изнесуваше извоз од 1 милијарда и 170 милиони евра.

Извозот од зоните во 2014 година е за 52% поголем во однос на 2013 година, а според проценките, на среден рок, треба да се очекува извоз од околу 2 милијарди евра. Извозот од ТИРЗ во вкупниот извоз на Македонија веќе учествува со 31%.

Во 2013-та, 50 милиони вредност од домашни компании беше испорачана кон зоните. Како што соработката со странските компании напредува, експертите сметаат дека домашните компании наскоро ќе може да конкурираат, да ги понудат своите производи и услуги и кај инвеститори кои се надвор од земјава, а со тоа и да излезат на глобалниот пазар.