Судир на интереси во владата на Заев, тврди „Левица“

Кочо Анѓушев, човекот кој предводеше кампања граѓаните да плаќаат поскапа струја во државата, го доби вицепремиерското место во Владата на СДСМ, а за кого се шпекулира дека буквално си ја платил функцијаа со финансиска поткрепа на партијата на Зоран Заев која се брои во милиони. Но сега се поставува и прашањето за тоа дали не станува збор за судир на интереси во „реформската“ ни влада.

Уште во периодот кога само се шпекулираше за вицепремиерското место на Анѓушев, беше коментирана евентуалната можност тој да ја искористи позицијата вицепремиер за свој личен интерес, бидејќи е познат со својата дејност во трговијата на енергетскиот пазар, па се поставуваше многу реалното пашање дали неговото именување на позицијата потпретседател на Владата за економски прашања евентуалното доаѓање на Анѓушев на вицепремиерска позиција ќе значи и пораст на цената на струјата, што би значело и поголем профит за него.

19198407_10212276655298776_2004221973_n

На тоа денска потесети на социјалните мрежи и Димитар Аспасиев, активист на Левица, за кого постои реален судир на интереси во новата Влада.

Имено, составот на Владата е избран на 31 мај 2017 година, а беше објавен во Службен весник бр. 65 (1 јуни 2017). Но како, што посочува и Аспасиев, само една страница подолу, постои и Одлука на Регулаторната комисија за енергетика (од 31 мај 2017) за давање привремена дозвола за производство на струја на хидроелектрана чиј косопственик е токму Кочо Анѓушев.

Во Службен весник бр. 66, ден пред изборот на новата Влада, Регулаторната комисија објавила статус на повластен производител на електрична енергија на друга хидроцентрала каде што Анѓушев повторно е косопственик!?

„Ова е типична буржоаска игра со која е изигран законот, бидејќи Регулаторната комисија ги донела одлуките за доделување дозволи за бизнисите на Анѓушев да оперираат пред тој да стане вицепремиер, оти ако овие одлуки беа донесени два дена подоцна, ќе можеше да се покрене кривична постапка…“, коментира Аспасиев.

Претходно, порталот „Либертас“, инаку близок на СДСМ, објави дека Анѓушев бил дел од аферата за незаконско учество на неговата компанија „ЕФТ – Македонија“ со три други компании, кои се здружија со цел диктирање на високи увозни цени за електрична енергија. Антимонополската комисија пред пет години поднесе прекршочна пријави поради ова, но нема информации дали овој случај е затворен, сега може да се претпостави дека случајот ќе биде забошотен.

„Ако на СДСМ воопшто му значи нешто социјалдемократската идеологија која наводно ја застапува, во најмала рака треба да бара решенија на линија на социјалното партнерство и да се држи неутрално во однос на социјалниот судир помеѓу трудот и капиталот. А, ако одбира страна, тоа да биде страната на трудот, а не на капиталот. Ако СДСМ инсистира вицепремиер за економска политика да биде претставник на крупниот капитал, тогаш треба да делегира вицепремиерска позиција и за претставниците на трудот, за синдикатите. Или, барем, синдикатите да го добијат Министерството за труд и социјална политика. За да има директен линк помеѓу работниците и новата влада, исто онака како што претставниците на капиталот бараат директен линк меѓу бизнис заедницата и новата влада“, изјави пред именувањето на Анѓушев, Здравко Савески од Левица, којашто заедно со СДСМ учествуваше во т.н. „Шарена револуција“ за уривање на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ.

Таков беше ставот на 13-те синдикални организации кои важат за блиски до СДСМ, односно организации кои во интерес и по барање на СДСМ во изминатиот период протестираа на улиците низ Скопје, како УПОЗ, Синдикатот на македонската дипломатска служба, Самостојниот синдикат на новинарите, Солидарност, Ленка, Синдикатот на културата, Агро синдикат.

Меѓутоа, очигледно е дека за Заев е многу поважно, според онаа од сминките „едно за црквата, едно за Виц’то“ да се профитира од „расположените“ бизнисмени, без разлика дали со таквите потези ја компромитира и власта и земјата, и пред домашната и пред странската јавност.