Свеченост по повод Денот на Бригадата за логистичка поддршка на АРМ

Во командата на бригадата за логистичка поддршка (брЛП) денеска се одржа свеченост по повод денот на бригадата, пренесува МИА.

На свеченоста присуствуваа заменикот-министерот за одбрана Иљми Селами, заменикот на началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Насер Сејдини, командантот на Здружената оперативна команда (ЗОК) генерал-мајор Методија Величковски, високи претставници од МО и ГШ на АРМ, командантите на  потчинетите команди и единици на ГШ на АРМ и други високи гости.

Директорот на Воениот музеј на Република Македонија, Александар Стојчев во своето обраќање даде осврт со образложение за историските корени, поврзани со датумот на денешниот празник.

Тој истакна дека Денот на брЛП се прославува  во спомен на денот кога во 1876 година започнало Разловечкото востание. Несебичната пожртвуваност на Димитар Поп Георгиев Беровски и останатите учесници во Разловечкото востание кои во тие тешки моменти обезбедиле за востаниците: оружје, муниција, барут, санитетски материјали и друго, претставува прв пример на логистичка поддршка на вооружена борба. Затоа овој ден е земен како камен – темелник на македонската воена логистика.

Командантот на брЛП, полковник Владимир Стојановски, истакна дека логистиката е сложена категорија со бројни функции, дејности, занимања, материјали и друго. Тој потенцираше дека припадниците на брЛП, добро ја познаваат мисијата и суштинските задачи и дека бригадата има капацитети и знаења да ги изврши сите задачи кои потекнуваат од мисијата, а тоа е поддршката на сите единици на АРМ, кој ќе овозможи успешно завршување на сите задачи во мир, кризни состојби и војна.

Заменик-министерот за одбрана Селами, честитајќи им го денот на единицата, на припадниците на брЛП истакна дека она што започна на овој ден во 1876 година како еден од првите облици на организирано планирање и снабдување со материјали во рамки на востанието, денес ќе продолжи со зајакнување на оперативните способности на АРМ, а со тоа и на способностите на логистиката и медицинската поддршка согласно стандардите на земјите членки на НАТО.

Селами нагласи дека во текот на наредниот период целта е да се унапредат постојните, но и да се развијат нови логистички способности и капацитети.

На свеченоста, по повод денот на единицата, беа прочитани стимулативни мерки за припадниците на брЛП, а на најдобриот механичар, возач, готвач и спортист од составот на бригадата им беа доделени пригодни награди.