Шведска ќе депортира 80.000 азиланти

Шведска ќе депортира околу 80.000 азиланти чиишто барања за азил се одбиени. Во оваа земја во текот на изминатата година азил побарале 163.000 лица, јавува „Дејли експрес“.

Министерот за внатрешни работи Андерс Игеман претходно најави дека околу 60.000 лица ќе бидат депортирани, но оваа бројка се искачи на 80.000.

Одбиените баратели на азил ќе бидат депортирани во следните неколку години, а минатата година 55 отсто од 58.800 случаи биле прифатени.

Во ноември минатата година Шведска ги зајакна граничните контроли.

Нашиот сигнал треба да биде кристално јасен за останатите земји членки на ЕУ. Шведска е земјата што презема најголема одговорност за бегалската криза. Ако ние треба да се справуваме со овој заеднички предизвик, тогаш сите мора да се погрижат и за нивната одговорност, рече Игеман.

Според податоците од ОН, од почетокот на годинава повеќе од 46.000 лица пристигнале во Грција, а повеќе од 170 лица загинале во обид да го поминат Медитеранот.