Светот во исчекување на првото патување на Трамп во странство

Политичките превирања кои го потресуваат претседателствувањето на Доналд Трамп немаат никакво влијание на неговата слика во светот, кој нестрпливо го очекува неговото прво патување во Европа и на Блискиот исток, изјавија двајца негово министри.

„Целта на ова патување е да се испрати пораката дека Америка се враќа“, изјави државниот секретар Рекс Тилерсон на прес-конференцијата пред првото патување на претседателот Доналд Трамп во текот на коешто ќе ги посети Саудиска Арабија, Израел, Западниот брег, Ватикан и самитите на НАТО во Брисел и на групата Г7 на Сицилија.

„Се чувствува големо исчекување на враќањето на Америка во водството на политичката сцена“, изјави шефот на американската дипломатија.

Републиканскиот претседател беше избран под мотото „Во прв ред Америка“ и со ставовите коишто беа оценети како изолационистички во поглед на надворешната политика.

Министерот за внатрешна безбедност, Џон Кели, изјави, пак, дека политичките удари кои со седмици наназад го потресуваат Вашингтон во врска со наводните руски мешања во американските претседателски избори не ја намалуваат веродостојноста на пораките коишто Трамп сака да ги пренесе во светот.

Државниот секретар Тилерсон додаде дека еден од задачите на ова патување, големиот говор за исламот предвиден во Ријад, ќе биде обид да се види што може заедно да се оствари, а во врска со светскиот тероризам. Оцени дека не станува збор за борба на религиите, ниту за борба меѓу културите, туку за борба меѓу доброто и злото.

Доналд Трамп во сабота поаѓа на осумдневно патување во пет земји, при што ќе се сретне со папата Франциск, саудискиот крал Салман, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и новиот француски претседател Емануел Макрон.