Светски ден на семејните лекари

Лекари по општа – семејна медицина заедно со студенти од Медицинскиот факултет денеска на пункт во центарот на Скопје поставен по повод 19 мај, Светски ден на семејните лекари, на граѓаните им мереа крвен притисок, холестерол и триглицериди во крвта. Со резултатите граѓаните добиваа и соодветни медицински препораки и совети за тоа на што треба особено да внимаваат со цел да ја подобрат нивната здравствена состојба, пренесува МИА.

Претседателот на Здружението на лекари по општа – семејна медицина на Република Македонија, Нада Аницин изјави дека Здружението како член на Светска организација на семејни лекари и годинава го одбележува Светскиот ден на семејните лекари.

Посочи дека Светскиот ден на семејните лекари се одбележува втор пат, но годинава првпат како караван во пет града каде средби со граѓаните ќе имаат семејните лекари во Велес (20 мај), Кочани (21 мај), Битола (22 мај) и во Тетово (23 мај).

– Семејните доктори односно општите доктори се столб на здравствениот систем и имаат една единствена професионална активност, а тоа е заштита на здравјето на пациентите преку превенција, лекување и советување. Граѓаните најчесто се советуваат околу здравиот начин на живеење имајќи предвид дека со тоа се превенираат многу болести, рече Аницин.

Минатата година на овој ден, нагласи таа, правевме анкета на случајните минувачи кои доаѓаа на пунктот, при што одговорија дека се задоволни од нивниот матичен лекар, а годинава повторно спроведуваме анкета.

Здружението на лекари по општа – семејна медицина на Република Македонија функционира во рамки на Македонското лекарско друштво. Од Здружението информираат дека сите избрани доктори, според стратегијата на македонското здравство, треба да бидат специјалисти по семејна медицина до крајот на 2020 година.