„Монструмите“ доживотно зад решетки

Шест доживотни и една ослободителна пресуда изрече денеска Основниот Суд Скопје 1 за случајот „Монструм“.
Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири, Фејзи Азири и Сами Љута беа прогласени за виновни за обвинението треотризам и добија доживотен затвор. Единствено, Сејди Рами, е осободен од обвинението бидејќи немало доволно докази.

Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, пресудата ја дочекаа во косовскиот затвор, каде ги одлежуваат две ипол годишните казни за недозволено поседување на оружје. Тие сеуште не се екстрадирани во Македонија.

osomniceni_monstrum1

Судијата Ивица Стефановски, пред да ја изрече пресудата за петкратното убиство кај Смилковското езеро, кое се случи на Велики Четврток во 2012 година, рече дека одлуката не треба да се носи со емоции.

„Треба да владее правото и оваа одлука не можеме да ја носиме со емоции, туку со почитување на законите. Знам дека надвор од оваа судница ќе се слушнат многу зборови за тоа што убиените и обвинетите се од различна етничка припадност и ќе се проба да се створат меѓуетнички конфликти, но сепак, тоа не е така, законот за сите е ист“, рече судијата Стефановски.

Насер Руфи, адвокатот на осудените, рече дека со оваа судска одлука, судската власт во Македонија покажала дека е далеку од независна.

„Не сме задоволни од пресудата и нормално е дека против неа ќе поднесеме жалба“, рече адвокатот Руфи.

Митко Солаков, адвокатот на ослободениот Сејди Рами, рече дека обвинетите се осудени без докази.

„Сите шест лица се осудени без никакви докази. Ние никаде во постапката не го видовме оружјето со кое е извршено убиството, слушнавме само сведочење на заштитен сведок“, рече Солаков.

Обвинетите имаат право да поднесат жалба и да ја обжалат пресудата во рок од 15 дена. До правосилноста на пресудата, осудените ќе останат во притвор.

Судењето за случајот „Монструм“ започна на 20 декември 2012 година, тоа беше составено од 46 рочишта на кои беа испитани повеќе од 30 сведоци и 10 вештаци.

deca_smilkovci

Обвинетите се товареа дека во 2012 година извршиле убиство на свиреп начин на четири момчиња од Радишани и еден повозрасен човек. Масакрот кај Смилковското Езеро се случи на 13 април 2012 година, на Велики четврток, веднаш пред големиот христијански празник Велигден, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.

Роднините на убиените не дадоа никаква изјава.