„Транспаренси интернешнл“ ја позиционира Македонија на 76. место на скалата за корупција

Во 2023 година Македонија е позиционирана на 76. место од вкупно 180 земји на листата на „Транспаренси“ според индексот за перцепција на корупцијата, што е позитивен скок од девет позиции во однос на 2022 година.
Во регионални рамки, земјава e подобро рангирана од Косово кое е на 83. место, Албанија на 98. позиција, Србија на 104. место и Босна и Херцеговина која е на 108. позиција.

Во 2021 година, пак, Македонија била на 87. позиција.
Според „Транспаренси“, земјава за минатата година има 42 од можни 100 поена на скалата на која 0 поени значи најлош, а 100 поени најдобар можен скор според индексот за перцепција на корупцијата. Т

Во извештајот се наведува дека токму кога почнале да се појавуваат мали знаци на напредок, правосудството во земјава било значително нарушено од недемократските измени на Кривичниот законик. Дополнителна загриженост во однос на способноста на правосудството за ефикасна борба против корупцијата, како што се наведува, се политички мотивираните назначувања и разрешувања на судски функционери.

Седумдесет и шестото место на ранг-листата според Глобалниот индекс за перцепција на корупцијата за 2023 година земјава го дели со Молдавија, Унгарија, Куба, Кина, Бахраин, и Тринидад и Тобаго.

Подобра позиција на ранг-листата во однос на земјава, пак, заземаат Грција на 59. место, Хрватска на 57. место, Црна Гора на 63. позиција и Бугарија на 67. место.

Најдобро рангирана на листата на земји во светот според Индексот на перцепција на корупцијата е Данска која на оваа позиција е од 2018 година. На дното на листата, пак, според извештајот на „Транспаренси“ е Сомалија.

Индексот на перцепција на корупција за 2023 година, генерално, покажува дека корупцијата напредува низ целиот свет. Негативниот феномен, како што се наведува во извештајот, ќе продолжи да напредува сè додека правосудните системи не можат да ја казнат неправдата и да ги држат владите под контрола.