Тилерсон во ненадејна посета на Авганистан

Pool photo by Alex Brandon

Американскиот државен секретар Рекс Тилерсондопатува во понеделникот во ненајавена ненадејна посета на Авганистан за да разговара со претседателот Ашраф Гани за новата американска стратегија во оваа земја, јавија новинарите акредитирани во Стејт департментот.

„Тилерсон и Гани се сретнаа на 23-ти октомври и ги потврдија американско-авганистанскиот ангажман во постигнувањето на мирот и стабилноста“ во Авганистан, објави на Twitter американската амбасада во Кабул.

На американскиот државен секретар Рекс Тилерсон ова му е прва посета на регионот од преземањето на должноста на почетокот од годинава, а се сретнал со авганистанските функционери во американската воена база Баграм, околу 50 километри северно од Кабул во која има 20.000 војници, лица по договори и друг персонал. Претходно ја посети Доха каде што информацијата е објавена доцна попладнето, известија новинарите кои ја следат неговата турнеја.

Посетата на Авганистан на Тилерсон доаѓа три седмици по посетата на министерот за одбрана Џим Матис, на 27-ми септември, чиешто доаѓање беше пречекано со ракетен и минофрлачки оган од страна на талибаните . Шефот на американската дипломатија допатувал во 11,15 часот по локално време и отпатува пред 14 часот.

Тилерсон би требало да го посети и Багдад во рамките на турнејата по Азија и Блискиот исток, според официјалниот распоред на програмата, откако претходно престојуваше во Ријад и Доха.