Македонија

Тодоров најавува нови реформи во здравството

Тодоров најавува нови реформи во здравството

Министерството за здравство најави нови реформи за подобрување на квалитетот во здравствениот систем. На последната владина седница поминати се бројни измени и дополнувања на Законот за здравствена заштита, кои воедно треба да ја зајакнат одговорноста на директорите на јавните здравствени установи и давање алатки во рацете на пациентите со кои ќе се зголеми нивното влијание во правец на почитување на нивните права.
За новите законски измени следува јавна дебата, па предлозите со евентуалните забелешки повтроно ќе бидат вратени на владино разглеување.

Според министерот за здравство, Никола Тодоров, новите измени се склучни за нормално функционирање на  пациент-центричен здравствен систем, кон којшто е ориентирано нашето здравство.

Едни од новините кои се предложуваат, создаваат можност секој пациент којшто нема да биде прегледан во терминот закажан преку „Мој термин“ кај доктор специјалист или супспецијалист или ќе биде прегледан со задоцнување за кое не постојат објективни и оправдани причини, да достави известување во писмена форма или усно на записник до раководителот на одделот,истиот ден, а најдоцна следниот ден.

Докторот специјалист,  има право да го одложи почетокот на закажаниот преглед, односно интервенција најмногу за 15 минути од терминот закажан преку „Мој термин“, или за повеќе доколку за тоа постојат оправдани причини, како што се прием на итен случај, привремена спреченост за работа поради болест, повреда на здравствениот работник, неисправност на медицинската опрема… Исто така, директорот е должен да обезбеди и известување на пациентите во усна форма преку определување лице вработено во јавната здравствена установа кое ќе биде должно постојано да биде присутно во чекалната, во услови кога има ваков прекин и на сите пациенти во лична и непосредна комуникација да им ги соопшти и образложи причините за немањето можност прегледот да биде извршен во терминот, како и да им закаже нов термин преку „Мој термин“ доколку прегледот, односно интервенцијата не била извршена.

Во овој случај директорот е должен да испрати известување преку „Мој термин“ за причините за неизвршување на прегледот во терминот закажан преку електронската листа на закажани прегледи и интервенции. Доколку сето ова не е испочитувано, пациентот има право да достави известување во писмена форма или усно на записник до раководителот на оддел. Врз основа на ова известување директорот во рок од три дена формира комисија за водење на дисциплинска постапка за дисциплинскиот престап против докторот специјалист, односно супспецијалист, кој нема да го изврши прегледот во закажаниот термин или го започне извршувањето на прегледот со задоцнување без објективни и оправдани причини. Директорот во рок од 15 дена има обврска да почне постапка, а какво решение да се донесе во постапката истото да го достави до пациентот. 

„Со оваа и уште неколку измени сакаме да ја сузбиеме појавата за која пред еден месец ја информиравме јавноста дека одреден број доктори доцнеле 3 пати или повеќе од 3 пати месечно подолго од 1 час на првиот закажан преглед во денот што негативно се одразува врз пациентите кои се оставени да чекаат и врз ефикасноста на работа на докторот. Воедно, ваквата појава се одразува и врз скратување на времето за амбулантски прегледи, односно редуцирање на бројот на термини наменети за амбулантски прегледи кај конкретниот доктор. Министерството за здравство ова го увиде со анализа на податоците од системот Мој термин“, истакна Тодоров.

Се предвидува Министерството за здравство да воспостави и води Централен систем за електронска евиденција на работното време и контрола на пристап до просториите во јавните здравствени установи. Централниот систем е замислен како електронски информациски систем кој овозможува евиденција за доаѓање и заминување од работното место на вработените во јавните здравствени установи, како и евиденција на нивното присуство во просториите на јавната здравствена установа. На овој начин ќе се води прецизна евиденција на времето на доаѓање и заминување од работното место на секој еден здравствен работник, а исто така во секое време од денот ќе може преку системот за евиденција да се следи точно во која просторија се наоѓа и да се детектира, на пример, дали во времето на закажани термини за амбулантски прегледи докторот се наоѓа во ординацијата.

Заради вградување на уште еден дополнителен механизам кој ќе овозможи да се почитува времето на прием на пациентот на преглед, предвидуваме Министерството за здравство да врши контрола на електронската листа на закажани прегледи и интервенции од страна на овластени лица за контрола (дали докторот е дојден на време во амбулантата каде се извршуваат специјалистичките прегледи, дали прегледот на пациентот е започнат на време и кои се причините ако не е започнат на време).

„Со новите измени на ЗЗЗ предвидуваме и многу новини во делот на листата на закажани прегледи и интервенции. Така на пример, докторот специјалист, односно супспецијалист е должен да издава интерспецијалистички упат, специјалистичко-супспецијалистички упат, упат за радиодијагностика и упат за лабораториски услуги за пациентите што тој ги прегледал, односно врз кои извршил интервенција, за дополнителни специјалистичко-консултативни услуги преку електронската листа на закажани прегледи и интервенции, доколку се потребни дополнителни испитувања заради поставување на дијагноза и лекување на болестите и повредите и рехабилитација“, вели Тодоров.

Во делот на хоспиталната култура, предвидуваме можност пациентот или членовите на семејството, да изразат незадоволство доколку здравствените работници не ги почитуваат принципите и правилата на однесување и работење согласно Протоколот за хоспитална култура. При тоа, пациентот има право да поднесе претставка до директорот на јавната здравствена установа.

Министерот за здравство ќе определи договорна казна во висина од 200 евра во денарска противвредност за директорот ако во наведените рокови подносителот на претставката не добие известување за формирање на комисија за водење на дисциплинска постапка за дисциплинскиот престап, односно не добие решение за изрекување на дисциплинска мерка за дисциплински престап против здравствен работник, односно здравствен соработник кој е дисциплински одговорен.

Директорот ќе биде разрешен ако два пати последователно или три пати во текот на една година, до него била доставена претставка со која пациентот го изразува своето незадоволство поради неприменување и непочитување од страна на здравствените работници и здравствените соработници на принципите и правилата на однесување и работење утврдени со протоколот за хоспитална култура, но тој не формирал комисија за водење на дисциплинска постапка за дисциплинскиот престап, ниту донел решение за изрекување на дисциплинска мерка.

Во тој случај министерот за здравство е должен да го разреши во рок од 15 дена од дознавањето на основот за разрешување. Во спротивно, доколку не го разреши, министерот ќе плати глоба во износ од 15.000 евра во денарска противвредност.

Со цел  да се заштити здравјето на пациентите лекарот кој упатил пациент на снимање спротивно од упатствата за медицина базирана на докази, ќе посетува обука во траење од 20 часа за упатствата и протоколите за медицина базирана на докази, како иза штетните последици од неоснованото и прекумерно користење на медицинската опрема. Истата обука ќе се спроведува и за лекари кај кои во текот на еден месец во 20% од вкупниот број на упатувања за радиолошки испитувања е утврдено дека нема наод за болест.

Јавните здравствени установи ќе имаат законска обврска да водат детална евиденција на медицинската опрема со која располагаат и со која ја вршат здравствената дејност, со цел порационално планирање на користењето на постојната медицинска опрема, како и порационално планирање на набавката на нова медицинска опрема.

Се предвидува воведување на Национален систем за евиденција на материјалните и финансиските ресурси во системот на јавно здравство.Воспоставувањето на ваков систем е важно со цел да се овозможи следливост на целокупниот медицински потрошен материјал, следење на количините и планирање на набавката на материјали, како и  планирање на залихите на медицински потрошен материјал, медицински помагала, лекови и сите останати артикли кои ги набавува јавната здравствена установа. Воедно, во ваквиот систем ќе се овозможи анализа на финансиските ефекти од потрошувачката на материјалите и следење на целокупното финансиско работење на јавните здравствени установи.

Исто така, предвидуваме законска можност Министерството за здравство со патен налог да упатува здравствен работник односно здравствен соработник вработен во јавна здравствена установа во мрежата, во времетраење не подолго од пет работни дена во текот на еден месец, на работа во друга јавна здравствена установа во мрежата.

Ќе се формира националната комисија за дијабетес која ќе ја следи имплементацијата на стручните упатства за медицина базирана на докази од областа на дијабетес мелитус за начинот на вршење на здравствената дејност која се однесува на третманот и контролата на пациентите болни од дијабетес мелитус од страна на докторите на медицина специјалисти по интерна медицина  кои препишуваат инсулинска терапија. Комисијата за дијабетес мелитус ќе биде  со мандат од четири години и составена од претседател и четири члена.