Трајковски: Во случајот „Космос“ општина Гази Баба постапуваше законски

Градоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски на денешната прес-конференција истакна дека општината постапувала законски во случајот „Космос“, што како што вели, може да го докаже во било каква правна постапка.

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) за уривањето на зградата на „Космос“, во сопственост на бизнисменот Фијат Цановски минатата недела отвори истрага. Според Трајковски, „Космос“ била дивоградба и не смеела да биде третирана поинаку од, како што рече, „кој било друг нелегално изграден објект“.

-Повеќепати во судските постапки Управен суд и Виш управен суд како и со решение од Уставен суд сме ја докажале нашата законска постапка во случајот Космос. Ќе ја искористам секоја правна можност согласно Законот и Уставот уште еднаш да докажам дека законски се постапуваше, наведе Трајковски, укажувајќи декла целата постапка е докажана деветпати во Управен суд и деветпати во Вишиот управен суд.

Градоначалникот Трајковски тврди дека „СЈО не ги презентирало сите факти и аргументи што им ги доставиле и ги обвинило без докази“.

Презентирајќи документи Трајковски рече дека не се точни аргументите на СЈО за стручното мислење од Архитектонскиот факултет, како и за тврдењето оти била незаконски избрана фирмата за уривање на „Космос“ и дека е направена штета од 2.999.560 денари.

-Во постапката беше доставено стручно мислење од Архитектонскиот факултет потпишано од професорот Мирослав Грчев, кој исто потврдува дека градбата се градела спротивно на одобрението и само ја кажува  причината. Сите отстапувања  во изградбата настанале поради наводите на геомеханичкиот елаборат во кој се утврдуваат лоши носиви  и динамични својства на почвата  поради активните подземни води. Ова наложило  подигнување на најниската кота на објектот  при што дошло до пренамена на приземјето од деловен  простор во паркиралиште. Значи и тој ниту потврдува дека според неговата анализа објектот е подигнат поради подземни  води за што тој тогаш ниту бараше ниту добил согласност од Општина  Гази Баба, рече Трајковски.

Инвеститорот Фијат Цановски, наведе Трајковски, пред да  започне со градбата целокупната постапка ја направил со умисла, а тоа го покажувале документите за периодот пред, во тек и по изградбата.

Според градоначалникот на Гази Баба,  не се точни изјавите на Цановски дека се што градел било легално, затоа што, како што рече, само неколку дена подоцна по таквите изјави се демантирал сам и поднел барање за легализација за сите три парцели на кои е сместен факултетот Фон.

Одговарајќи на новинарско прашање  дали ќе побара да биде изземен од одлуката за аболиција  од претседателот на државата за овој случај, Трајковски наведе дека „ниту барал, ниту има потреба да бара ниту ќе бара да биде тргнат со одлука од постапката, односно да биде спречено водење постапка“.

-Деветпати во Управен суд и деветпати во Вишиот суд  ја докажавме целата постапка. Подготвен сум уште повеќепати  ако треба во судска постапка да ја докажам нашата законитост затоа што верувам дека овие аргументи се доказ со којшто ние можеме без тронка сомнеж и  во каква било постапка да ја докажеме нашата законитост, рече Трајковски.