Трамп му порача на Пјонгјанг да не ги потценува САД (ВИДЕО)

Американскиот претседател Доналд Трамп ја повика во средата „свирепата диктатура“ на Северна Кореја никогаш да не ги потценува Соединетите држави, како и никогаш да не ги доведува во искушение.

„Немојте да нé потценувате, немојте да нé доведувате во искушение. Ќе ја браниме нашата заедничка безбедност, нашиот заеднички напредок и светата слобода“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп пред јужнокорескиот парламент за што му беше возвратено со силен аплауз.

Трамп, кој во средата од јужнокорејската престолнина Сеул се упати во кинеската Пекинг на својата следна станица од својата дванеасетдневна турнеја по Азија и Пацифик откако од неделата престојуваше во Јапонија, исто така во говорот ги повика сите одговорни држави да ги обединат силите, во прв ред Русија и Кина.

За режимот во Пјонгјанг, американскиот претседател рече дека се трансформирал во „секта“ и дека се занимава со „експерименти во лабораторијата на историјата“, и Северна Кореја ја нарече „пекол во кој никој не заслужува да живее“.

„Наместо да им гарантира рамноправност на своите граѓани, оваа свирепа диктатура ги проценува, бележи и категоризира според произволните критериуми за верноста кон државата“, рече Трамп.

Но и без оглед на ваквите тешки обвинувања, американскиот претседател му подаде рака на севернокорејскиот челник Ким Џонг-ун.

„И покрај злосторствата коишто ги сторивте против Бога и луѓето, сакаме да отвориме пат кон подобрата иднина“, рече Трамл.

Во јужнокорејскиот парламент американскиот челник одржа говор само неколку часа откако поради лошото време сепак мораше да ја откаже ненадејната посета на демилитаризираната зона којашто ги раздвојува двете Кореи. Хеликоптерите во коишто беа Трамп и помала група новинари во неговата придружба полетаа кон демилитаризираната зона од базата Јонгсан, но се вратија поради лошото време.

Според портпаролката на американската администрација Сара Сандерс, јужнокорејскиот претседател Мун Јае-ин требало таму да му се придружи на Трамп.

Тоа ќе беше „историски момент“, рече Сандерс, бидејќи тоа би било првпат некој американски претседател и негов јужнокорејски колега да се сретнат на ова место. „Таа желба ја покажува силата на сојузот меѓу нашите две земји“, додаде портпаролката.

Пред почетокот на големата азиско-пацифичка турнеја, Белата куќа извести дека Трамп нема да ја посети таа зона со голема симболика поради недостиг од време.

Овој копнен појас на неколку десетина километри северно од Сеул, е широк 4 а долг 248 километри и е полн со електрични огради, мински полиња и противтенковски препреки.

Во последните 30 години кусата посета на ова важно место стана речиси незаобиколен момент за сите станари на Белата куќа. По посетата на претседателот Роналд Реген на Демилитаризираната зона во1983 година, само Џорџ Х. В. Буш не бил таму.