Трамп побарал драматично зголемување на нуклеарниот арсенал

© AP Photo / Manuel Balce Ceneta

Американскиот претседател Доналд Трамп побарал драматично зголемување на нуклеарниот арсенал на САД кога во јули годинава разговарал со советниците за национална безбедност, објави во средата американската телевизиска мрежа NBC News повикувајќи се на тројца функционери кои биле на споменатата средба, а претседателот изјави дека тој се залага за модернизација на нуклеарниот потенцијал на земјата

Наводните коментари на американскиот претседател Доналд Трамп се случиле во времето на растечките тензии со Северна Кореја и исчекувањето на неговата одлука за можното излегување од меѓународниот нуклеарен договор со Иран.

Претседателот, според соговорниците на телевизијата, наводно рекол дека му е покажана карта според којашто американските резерви на нуклеарно оружје паднале од 32.000 нуклеарни боеви глави коишто ги имало на врвот во 60-те години од XX век. Трамп рекол дека повторно сака да ги има тие количества, пренесува NBC News.

Прологот на NBC, претседателот Трамп веднаш во средата го коментираше на Twitter. „Лажливиот NBC измисли приказна дека сум сакал десеткратно да го зголемам нашиот нуклеарен арсенал. Чиста измислица, смислена за да ме понижат. NBC=CNN“, напиша Трамп

Во интервјуто за агенцијата Reuters во февруари годинава, на оваа тема Трамп рече дека американскиот нуклеарен арсенал да биде „поголем од другите“.

Подоцна во средата претседателот Трамп изјави дека неговата земја „апсолутно нема потреба“ десектратно да го зголемува нуклеарниот арсенал, но оти е потребно тој да биде во „целосен режим“.

„Тоа (таквото зголемување) апсолутно е непотребно… Нам ни е потребно зголемување, но јас сакам модернизација и обновување (на нуклеарните сили). Тие мора да бидат во потполн режим“, изјави Трамп за новинарите пред средбата со канадскиот премиер Џастин Трудо во Белата куќа.

Според него, американскиот нуклеарен арсенал треба да биде во „совршена форма, во совршена состојба“ и токму со тоа сега се занимава неговата администрација, спроведувајќи модернизација на своите стратешки сили.

САД во моментов располагаат со околу 4.000 нуклеарни боеви глави, според податоците на Федерацијата на американските научници.

Во моментов САД ги намалуваат нуклеарните сили во согласност со Договорот за намалување на стратешките офанзивни оружја, кој беше постигнат со Русија во 2010 година. Според оваа спогодба, до 2020 година двете земји мора да го намалат бројот на своите нуклеарни боеви глави на 1.550 единици. Засега Вашингтон не ја најави својата евентуална намера да истапи од овој договор.