Трамп тврди дека социјалната мрежа е против него

Американскиот претседател Доналд Трамп во средата ја нападна компанијата „Facebook Inc“ како „антитрамповска“ социјална мрежа и ја доведе во прашање нејзината улога во текот на претседателската кампања во 2016 година, додека во тек се истрагите за наводната руска вмешаност во претседателските избори и можна соработка на помошниците на сегашниот претседател.

Критиката на американскиот претседател Доналд Трамп следеше откако социјалната мрежа Facebook соопшти дека подготвува на конгресните иследници да им предаде преки 3.000 политички огласи за кои мрежата вели оти е можно во текот на американската претседателска кампања да ги закупиле руски субјекти.

Откако традиционалните медиуми кои отворено застанаа против него, Трамп долго време ги обвинуваше за ширење на ткн „лажни вести“, Трамп својата острица сега ја сврти кон социјалната мрежа, особено по изјавите од нејзиниот сопственик и челниците.

„Facebook секогаш беше против Трамп. Мрежите секогаш биле против Трамп“, напиша американскиот претседател на Twitter, упатувајќи ги истите обвинувања и против весниците The New York Times и The Washington Post, кои во предизборната кампања отворено застанаа на страната на неговата противкандидатка Хилари Клинтон.

Адам Шиф, највисокиот демократски член на Разузнавачкиот комите на Претставничкиот дом, еден од комитетите кои спроведуваат истрага за наводната можна улога на Русија во претседателската кампања, изјави дека очекува дека до крајот на седмицата да ги поседува огласите и дека траба да се објават.

„Навистина треба да се видат (…) за да можете да препознаете колку Кремљ бил циничен во напорите да ги продлабочи поделбите во земјата (…) и да ги сврти Американците едни против други“, изјави Шиф тврдејќи дека извршните директори на Facebook и Twitter би требало јавно да сведочат за тоа.

„Ме загрижува и се прашувам колку долго му било потребно на Facebook да сфати дека Русите огласуваат на нивната мрежа“, додаде Шиф кој потврди дека повеќепати разговарал со челникот на компанијата Марк Цукерберг.