Уапсен осомничениот за експлозијата во Санкт Петербург

Припадниците на Федералната служба за безбедност (ФСБ) го откриле идентитетот на осомничениот како организатор и извршител на експлозијата во продавницата во руската северна престолнина Санкт Петербург во која немаше жртви во средата, а рускиот претседател Владимир Путин инцидентот го нарече чин на тероризам.

„Федералната служба за безбедност на Руската Федерација во текот на оперативните операции и потрагата на 30-ти декември 2017 година го идентификуваше и приведе организаторот и непосредниот извршител на експлозијата со импровизирана експлозивна направа извршена на 27-ми декември во трговскиот дел од продавницата Перекресток во градот Санкт Петербург“, се наведува во соопштението на ФСБ коешто го цитираат руските новински агенции.

Се истакнува дека осомничениот е предаден на Истражниот комитет за натамошни истражни дејствија.

„Истрагата има намера да поднесе барање до судот за негово задржување во притвор“, изјавила за агенцијата ТАСС, Светлана Петренко, портпаролка на ФСБ. Појаснила дека со осомничениот во моментов работат иследници, и во тек е неговото испрашување.

Импровизираната експлозивна направа којашто содржела елементи за повредување што поголем број луѓе, во средата експлодираше на првиот кат од забавниот центар „Гигант хол“ во салата на продавницата. Според последните податоци, повредени се 18 лица.

Моќноста на експлозивната направа биле споредлива со еквивалент од 200 грама ТНТ. Истрагата го истражува инцидентот како „обид за убиство на две и повеќе лица на начин со предизвикување општа опасност“. Мотивите за нападот засега не се познати, а експертите сметаат дека според начинот на кој е изработена направата, станува збор за личност која немала голема практика и познавања за експлозивни направи. Рускиот претседател Владимир Путин, пак, инцидентот го нарече терористички чин.

Претходно во декември Путин во телефонски разговор му се заблагодари на американскиот претседател Доналд Трамп, поради информациите коишто руските служби ги добиле од американската Централна разузнавачка агенција (CIA) благодарејќи на што бил спречен голем терористички напад планиран да биде извршен на посетувани локации токму во Санкт Петербург