Убиен лидерот на најопасната милитантна група во Египет

Силите на безбедноста на Египет го убија лидерот на најопасните милитантни групи во Египет, Ансар Беит ал Макдис, како и уште тројца нивни високи официјални лица.

Неколку египетски безбедносни официјални лица потврдиле дека е убиен Шади ел Менеи за кој се верува дека е водач на милитантната група чија што база е на Синајскиот полуостров,пренесува АФП.

Оваа група е инспирирана од Ал Каеда и стои зад серија напади чијашто мета се египетските сили на безбедност, откако војската во јули минатата година го симна од власт исламистичкиот претседател Мухамед Морсиј, потсетува АФП.

Тие напади се за одмазда за акција која властите ја презеле против следбениците на Морсиј, во кои се убиени повеќе од 1400 лица, а најмалку 15 илјади се уапсени.

Во април,американскиот Стејт Департмент оваа група ја означи како „странска терористичка органзација,“ наведува АФП.