Полицијата во Фергусон денеска уапси уште 15 демонстранти за време на новите протести против одлуката да не му биде судено на белиот полицаец, кој во август застрела младо афрамериканско невооружено момче.
Апсењата се изведени кога насобраните луѓе одбиле да се разотидат откако полицијата тоа го побарала од нив. Полицијата потенцира дека протестите имале мирен карактер и оти во нив не учествувале повеќе од сто лица.
Вчера демонстрантите за извесен период ја блокираа и работата на трговскиот центар близу Фергусон.
Во текот на ноќта стотина лица во протестен марш минале крај градската управа на полицијата во градот и противпожарната служба, скандирајќи пароли, блокирајќи го движењето по улиците и запирајќи пред некои деловни згради.