Вардар ремизираше со Висла, но остана на челната позиција во групната фаза во ЛШ

Вардар ремизираше со Висла 31:31 во последниот меч од групната фаза во Лигата на шампиони. Македонскиот шампион како првопласиран во групата обезбеди директен пласман во четвртфиналето, а полска Висла која пружи достоен отпор и беше во предност во голем дел од мечот се избори за реми, но не и за пласман во топ 16.

Полскиот шампион стартуваше офанзивно и во голем дел од мечот им бегаше на вардарци. Имаа гостите и плус три, наспроти Вардар кој имаше минимален ефект.

На шест минути пред крајот на првиот Вардар дојде до изедначување но ниту еднаш во првиот дел не успеа да дојде до водствто. Висла  ја задржа иницијативата и на стартот на второто полувреме. Релативно лесно доаѓаа до реализација но„црвено-црните“ во наредните минути заиграа поагресивно во одбраната. Со минимална предност македонскиот шампион влезе и во последната четвртина, гостите го бркаа резултатот, а вардарци врзаа три гола во серија и за прв пат има плус три на десет минути пред крај.

Во завршните минути се играше гол за гол. Вардар не успеваше да се одлепи, Висла изедначуваше. На 30 секунди пред крај гостите изедначија а Стоилов во последниот напад не успеа да реализира за победа на Вардар. Лука Циндриќ најефикасен со седум гола, Игор Карачиќ шест.