Вардар треба да го потврди триумфот против Фленсбург за пласман на „фајнал фор“ во ЛШ

Ракометарите на Вардар во четвртокот вечерта ги очекува натпреварот кој може да им донесе пласман на завршниот турнир во Лигата на шампионите првпат во историјата на клубот, откако во првиот дуел во Германија, македонскиот шамион славеше со 26:24 и реваншот ќе го почне со два гола предност.

Покрај победата од првиот дуел во четвртфиналето, вардарци во реваншот ќе ја имаат и предноста на домашен терен која носи поддршка од трибините која се очекува да биде голема, имајќи ги предвид податоите дека сите влезници се продадени и оти во целата земја владее за овој меч.

Натпреварот Вардар – Фленсбург ќе се игра вечер од 19 часот во Спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје.

Поради големиот интерес меѓу фанови на „црвено-црните“ и неможноста сите да присуствуваат во салата, средбата ќе се пренесува и на видео-бим кој ќе се наоѓа во фан-зоната на платото пред салата. Фан-зоната ќе работи од 17 часот и ќе биде отворена за дружба и за забава и за време на натпреварот.

Во пресрет на натпреварот предвидени се и посебни безбедносни мерки, како во салата, така и во просторот околу неа. Во 15 часот ќе се затворат двата булевара кои водат до СЦ „Јане Сандански”, а затворен ќе биде и паркингот околу салата.