Вардар триумфираше над Шкендија со 3:0

Фудбалерите на Вардар се пласираа во четвртфиналето на Купот на Македонија, откако денеска на арената „Филип Втори“ во Скопје со резултат 3:0 ја совладаа екипата на тетовска Шкендија.

Резултатот за вардарци го отвори Јасир Асани во третата минута од натпреварот со фантастичен удар од 30 метри, во 34.минута Артак Дашјан со одмерен удар од 15 метри зголеми на 2-0, а само три минути подоцна капитенот Златко Таневски со удар со глава и третпат ја затресе мрежата на Шкендија.

Во вториот дел, Филип Петковски имаше одлична можност да ја продолжи својата голгетерска серија, но беше спречен во последен момент од Милиев. Филип Ивановски, кој влезе во вториот дел, во 84.минута ја погоди гредата, а одлична шанса имаше и Димитар Иванов. На спротивната страна се заканија Жуниор и Вручина, но без поголем ефект.

Вардарци со овој триумф им се придружија на Работнички, Хоризонт Турново, Ренова, Тетекс, Дрита, Еуромилк и Кожув меѓу осумте најдобри екипи во Купот на Македонија.