Варуфакис: Ако Грција не се реформира ќе потоне

Министерот за финансии на Грција Јанис Варуфакис денеска изјавил дека доколку земјата не се реформира ќе потоне.

На средбата на која главна тема се првите 100 денови од управувањето на новата грчка влада и преговорите со Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд, Варуфакис нагласи дека според него следната транша на земјата не е цел сама по себе и истакна дека нема да потпише договор што не е остварлив на макроекономски план.

Варуфакис на форумот зборуваше и за други теми поврзани со финансиските потреби на грчката економија, како спровдувањето на програмата со реформи на владата, состојбата на државниот долг и функционирањето на банкарскиот систем. Министерот за финансии објасни дека дури и грчкиот долг да исчезне, прашањето за развојот на Грција ќе остане во воздух.

Впечаток остави изјавата на Варуфакис дека плаќањата на Грција кон ЕЦБ во јули треба да задоцнат. Во јули годинава доспеваат обврзниците добиени од ЕЦБ во вредност од три милијарди евра.

Јанис Варуфакис стави акцент и на улогата, што можат и треба да ја имаат банките за развој на економијата, но нагласи дека за да може тоа да се случи, ќе треба да се реши проблемот со лошите кредити.

Грчкиот министер за финансии упати порака и до пазарот, изразувајќи уверување дека до крајот на летото нема да има промена на ДДВ во Грција, со што ги смири компаниите во туризмот.