
По повод одбележувањето на православниот празник Успение на Пресвета Богородица кај народот познат како Голема Богородица, во манастирот на Матка, утре ќе се одржи вечерна богослужба, Духовна академија и полноќно бдеење.

Четврта година по ред ден пред празникот во манастирот се одржува Духовна академија. Предвидено е црковно пеење и читање псалми.
На денот на празникот 28 август, во 9 часот во манастирот ќе се одржи Света Божествена Литургија со која ќе чиноначалствува поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија г.г Стефан.
Одбележувањето ќе биде збогатено и со културно-забавна програма. Традиционално во манастирот на празникот по богослужбата се одржува крводарителска акција.