Велес троши 128 литри вода во секунда

Во Велес во моментов потрошувачката на вода за пиење од градскиот водовод во просек е 128 литри во секунда, што е зголемување од 20 литри во секунда, споредено со зимскиот период од годината, информира Тодорка Андреевска, портарол на ЈКП „Дервен“.

Оваа зима потрошувачката на вода за пиење во просек била од 100 до 105 литри во секунда.

Сепак, појаснува Андреевска, ова лето поради честите врнежи од дожд и пониските температури, потрошувачката на вода од страна на граѓаните е далеку под просекот од изминатите лета. Така споредено со лани е помалку во просек за 25 литри во секунда кога граѓаните на Велес трошеле просечно 153 литри во секунда.

Во Фабриката за вода каде ЈКП „Дервен“ ја преработува сировата вода која доаѓа од Хидросистемот „Лисиче“, според Андреевска, има доволни количества на вода, а капацитетот на фабриката е 300 литри во секунда.

Според сите параметри, водата за пиење од градскиот водовод во Велес е квалитетна и исправна за пиење. Ова е согласно анализите на ЈЗУ Центар за јавно здравје од Велес, кој врши редовни 24 месечни контроли на водата, информира Андреевска. Таа воедно потенцира дека и според анализите од страна на стручните екипи на Институтот за јавно здравје од Скопје, а кој ги врши неколкупати годишно, водата во градскиот водовод во Велес е исправна за пиење и секаков друг вид на употреба.