ВИДЕО: Пуштена во употреба третата делница од булеварот „Теодосиј Гологанов“

Третиот и финален дел од проширениот и реконструиран булевар „Митрополит Теодосиј Гологанов“ денеска и официјално беше пуштен во употреба.

На свеченото отворање присуствуваа премиерот Никола Груевски, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, советници од Град Скопје и Општина Карпош, како и директори на јавните претпријатија кои учествувале во градежниот циклус.

Премиерот Никола Груевски истакна дека со завршувањето на третата фаза од овој проект е пробиено уште едно тесно грло во Град Скопје, што е од особено значење за граѓаните, особено за оние кои секојдневно ја користат оваа делница.

-Мило ми е што заедно со вас денес имам можност да посведочам за успешното завршување на уште еден капитален проект во делот на сообраќајните решенија во Град Скопје, поточно Општина Карпош. Булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ е проект на кој се работи уште од 2011. година, дел по дел, чекор по чекор, фаза по фаза. Денес булеварот го добива својот конечен лик. За само неколку години се реализираше она што години наназад се планираше и ветуваше. Изборите доаѓаа и заминуваа, се менуваа градоначалници и локални самоуправи, но оваа улица остануваше иста. Градоначалникот Коце и оваа постава во Град Скопје, направија проект, ги поминаа сите потребни процедури и го завршија проектот, со што се исполни уште едно дадено ветување. Со ова се проби уште едно тесно грло на градот, што е од особено значење за граѓаните, особено на оние кои секојдневно поминуваат на оваа делница, рече во своето обраќање пред присутните премиерот Никола Груевски.

Тој додаде дека Градот Скопје изминативе години работел на многу другои вакви проекти, меѓу кои модернизацијата на булеварот „Партизански одреди, како и на прошируваето на булеварот „Илинден“.

-Вакви капитални проекти се реализираат во сите населби на Градот, потенцира премиерот.

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски дека со овој проект е овозможен побезбеден сообраќај, намаллување на метежот, како и скратување на времето на патување.

pat1

-Проширувањето на третата делница е еден од капиталните проекти на Градот Скопје кој ќе овозможи побезбеден сообраќај, намалување на метежот, како и скратување на времето на патување. Делницата е долга 1.600 метри, а ќе има четири ленти, по две во насока. Изградени се и тротаори од двете страни. Беше поставена и нова атмосферска канализација во должина од 1.500 метри, а извршена е и реконструкција на постојната фекална канализација во должина од 226 метри. Третиот дел го осветлуваат 82 светилки, рече градоначалникот Трајановски.

Тој додаде дека со овој проект сигурно чекориме кон остварување на сликата за Скопје со широки и проточни сообраќајници, кои ќе обезбедат сигурност во сообраќајот и побрзо стасување до саканата дестинација.

Имено, за реконструкција на првиот дел од булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ Град Скопје има одвозено 96, за вториот 47 милиони денари, додека пак третата финална фаза чини 92, 6 милиони денари.