(ВИДЕО) Советникот на Путин: Русија нема да го попречи влезот на Македонија во НАТО

Доколку македонскиот народ одлучил да чекори кон НАТО, Русија ќе ја почитува таа одлука и нема да застане на патот, уверува рускиот политички аналитичар Александар Дугин, кого западните медиуми го сметаат за главен советник на претседателот Владимир Путин во интервјуто за телевизијата ТВ21.

„Не, нема. Нема да застанеме затоа што ние ја почитуваме одлуката на македонскиот народ. Вие може да велите дека за тоа ќе имаме некое влијание но не е така. Нашата политика е во насока на создавање повеќе поларен свет. Во овој момент ние имаме многу нови пријатели, и се повеќе сме уверени и отворени кон нив. Но доколку нашето пријателство било кому не му е потребно, ние со жалење само ќе го констатираме тоа“, вели Дугин.

Во ексклузивното интервју за ТВ21, Дугин за спорот за името со Грција вели дека тоа е работа само на Македонија.

Таков е ставот и на Кремљ, додава тој со убедување дека никој нема ултимативно право да лиши еден народ од своето име или идентитет.

„На пример нас да не условат со тоа дека Русија ќе се врати во „Г8“, ако се откажеме од името Русија. Нашиот народ тоа нема да го дозволи. Ние сме Руси, вие сте Македонци, вие се чувствувате како Македонци. Зошто да го менувате името?“, додава Дугин.

Според Дугин, влијанието на Соединетите Американски Држави во повеќе делови од светот опаѓа, а тоа е случај и со Европската унија, каде што се повеќе членки размислуваат за напуштање, како што вели.

Тој отфрла каква било руска вмешаност во Црна Гора и во упадот и насилството во Собранието на Македонија.

„Сите шпекулации за наша вмешаност во Црна Гора, Македонија, Каталонија, Франција или други земји е чиста шпекулација. На сите им е потребен нов непријател. Тие го најдоа во Русија, но својот непријател го најдоа дури и во Америка, а тоа е Трамп“, порача Дугин.

Александар Дугин или „Мозокот на Путин“ денеска учествуваше на панел расправа со наслов „Република Македонија во стратешки сојуз со Русија и членство во Евроазиската економска унија“ организиран од малата политичка партија „Единствена Македонија“ на Јанко Бачев.

 

https://www.youtube.com/watch?v=z6GW-M-SZeE