ВМРО-ДПМНЕ повикува на протест пред Основниот суд

ВМРО-ДПМНЕ денеска е на удар на антидржавната хунта на Зоран Заев, обвинуваат од опозициската партија после денешната акција, во која се уапсени функционери и пратеници на партијата, со обвинение за тероризам, поради немилите настани на 27 април.

-Полицијата упадна во домовите на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, членови на Извршниот комитет, поранешни функционери на партијата и други јавни личности. Полицијата по наредба на Зоран Заев не го почитуваше пратеничкиот имунитет, туку единствено политичките наредби за пресметка со неистомислениците, се вели во партиското соопштение.

Од партијата велат дека денешниот упад и приведувањето на функционери на ВМРО-ДПМНЕ се обид да биде замолкната опозицијата и да се скрши отпорот на партијата против сите антидржавни политики што владата ги реализира периодов.

-Во момент кога владата разгледува предлог закон за ослободување на криминалците од затвор, кога се најавува ослободување на убијците од Смилковско езеро и кога убијци се шетаат слободни по улиците, Зоран Заев нарачува политички прогон врз ВМРО-ДПМНЕ заради наводно терористичко загрозување на уставниот поредок, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите членови и симпатизери на партијата и сите граѓани кои не се согласуваат со антидржаната политика на владеачката хунта да излезат на протест пред основниот суд Скопје во 13:30 часот.