ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ намерно ги кочат процесите за да се пробијат роковите

СДСМ на манипулативен и индиректен начин сакаат да ја елиминираат дијаспората, нејзиното право да гласа и правото да има свои пратеници. Беа прочитани од јавноста, нашите иселеници и нивните фамилии во Македонија, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение Ви ја пренесуваме реакцијата интегрално:

Преку нивниот предлог за висок праг на гласови кој за сметка на иронијата е повисок и од некои изборни единици во Република Македонија, тие сакаа брутално да се ослободат од гласот и претставниците на дијаспората, наместо да бараат да е понизок прагот за дијаспората со оглед на многу покомплицираните услови под кои гласа дијаспората?

Јавно ги прашуваме СДСМ:

– Зошто СДСМ не формираше Министерство за дијаспора додека беа на власт? Дали ова е уште едно популистичко ветување на СДСМ? И дали ова ветување е плод на стравот од револтот на граѓаните за штетните по државата политики на СДСМ?

– Ако ВМРО-ДПМНЕ победува со 1000, 2000 или 4000 гласови, зошто СДСМ не соберат 1001, 2001 или 4001 граѓанин од дијаспората што ќе гласаат за нив? Зошто да се одземе стекнатото право на пратеник од дијаспората кој ќе ги застапува Македонците ширум светот?

– Која е логиката на СДСМ некој да патува над 300-400 километри за да може да гласа и баш таму да треба повеќе гласови за пратеник отколку во изборна единица 6?

СДСМ со веќе добро познатата тактика во јавноста намерно ги кочат процесите за да се пробијат роковите и веднаш преку нивните мегафони да ги прогласат ВМРО-ДПМНЕ за виновни. Впрочем СДСМ секогаш кога се во безизлезна ситуација го прават истото, ги обвинуваат ВМРО-ДПМНЕ буквално за се.