ВМРО-ДПМНЕ: Тие што ја предизвикаа политичката криза треба и мора да одговараат

Тие што ја предизвикаа политичката криза преку интриги, подземни сценарија, деструктивно однесување кое е спротивно на интересите на народот и државата треба и мора да одговараат, децидни се од ВМРО-ДПМНЕ по одлуката на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.

Интегрален текст од ставот на ВМРО-ДПМНЕ по одлуката на Иванов

Ставот на ВМРО ДПМНЕ кон сето ова што се случува во државата е јасен, не може да не одговараат луѓето кои повеќе од година и пол ја држеа Македонија во заложништво, ги кршеа законите, ги уриваа институциите на државата и го закрвуваа народот.

ВМРО ДПМНЕ со фрапираност и неверување ја проследи прес конференцијата на Претседателот Ѓорге Иванов.

ВМРО ДПМНЕ не се сомнева дека Претседателот Иванов секогаш имал чесни и добри намери и постапки, водејќи се од националните и државни интереси и идејата за национално помирување и единство, кое сметаме дека е секогаш потребно. Сепак во конкретниов случај би сакале да изразиме силно несогласување со оваа негова постапка.

Сметаме дека со овој потег, се оневозможува нашата воља и напор да се разобличат сите конструкции, лаги и манипулации,  кои ни беа наметнувани и  беа насочени кон нас како дел на едно однапред смислено сценарио.

Со многу работи со претседателот Иванов сме се согласувале и имаме високо мислење за него, затоа што секогаш се водел од државниот и национален интерес, но ова е прашање за кое имаме сериозни и длабоки несогласувања.