Градот Битола е со голема традиција и за Русија тоа има големо значење бидејќи тука бил отворен првиот руски конзулат на Балканот. Руската дипломатска служба е со долга традиција и со гордост токму во Битола го одбележуваме Денот на руската дипломатија, рече Олег Шчербак, амбасадорот на Руската Федерација во Република Македонија.
На одбележувањето на Денот на руската дипломатија во Битола присуствуваа на кој присуствуваа претставници на дипломатскиот кор, личности од јавниот живот и други гости, се обратија и почесниот руски конзул во Битола Сергеј Самсоненко и битолскиот градоначалник Владимир Талески.
Церемонијата се одржува секоја година и, според старата традиција, создадена од руските дипломати кои работеле во Македонија, се одржува токму во Битола кај Рускиот крст. Споменикот е подигнат во чест на рускиот императорски конзул Александар Ростковски кој во 1903 година исполнувајќи го својот службен долг загинал од раката на османлиски војник, соопшти Руската амбасада, додавајќи дека со овој настан им се оддава почит на сите дипломатски службеници кои загинале за време на исполнувањето на своите службени обврски.
Празникот на руската дипломатија е утврден со Указ од претседателот на Руската Федерација Владимир Путин од 31 октомври 2002 година. Се слави на 10 февруари затоа што на тој ден во 1549 година е првото спомнување на „Посолскиот приказ“ односно првата надворешно-политичка служба на Русија.