Македонија

Во недела отворена владина седница

Во недела отворена владина седница

Во рамки на политиките за отвореност и транспарентност кон граѓаните, Владата в недела ќе одржи отворена седница која ќе се пренесува во живо преку медиумите.

Како што информира владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев, на оваа седница ќе се разгледаат над 100 точки кои досега се пријавени, а во следниве два дена тој број се очекува да порасне.

– Ќе имаме точки од секој ресор, од секое Министерство, точки кои ќе значат реализација на проекти, односно согледување на статусот на напредок во реализација на поединечни проекти или разгледување на извештај на ефектите за определен проект кој веќе е завршен. Се разбира, и разгледување на планови и програми за реализација на идни проекти од сите области. Од областа на економијата, инфраструктурата, здравството, образованието, земјоделието и многу други проекти од кои ќе имаат корист сите граѓани на Македонија, рече Ѓорѓиев.

Следниот петок, на 26-ти декември, Владата организира и „Црвен тепих за граѓаните“. Досега, како што информира, се пријавени 200 лица кои деновиве ќе бидат известени за терминот. Тие ќе можат да проследат дел од Владините комисии, да поразговараат со надлежните, да дадат свои идеи, предлози и критики.