Во Новаци отворени пет центри за ран детски развој

Градоначалникот на општина Новаци Лазар Котевски ги посети петте ново отворени центри за ран детски развој. Овие центри во наредните шест месеци ќе работаат во рамките на проектот „Растеме и учиме“.

– Во овој проект ангажирани се пет едукатори и еден дефектолог кои во наредниот период ќе бидат посветени на деца од предшколска возраст. Центар за ран детски развој од пред извесен период постои и во Новаци и очекуваме истиот да прерасне во детска градинка, а доколку има услови иста трансформација би имале и со другите центри кои ќе работаат во наредните шест месеци, изјави градоначалникот Котевски.

Центрите се отворени во селата Гермијан, Далбеговци, Живојно, Агларци и Добромири и се составен дел на програмите што ги поддржуваат УНДП, Агенцијата за вработување и Министерството за труд и социјална политика.