Спорт

Во сабота продолжува првенството во КФМ

Во сабота продолжува првенството во КФМ

Во сабота /07.03.2015 година/ и официјално продолжуваат натпреварите од вториот дел од првенството во кугларската лига на Македонија. Ова следува по двонеделното одложување на почетокот на вториот дел од првенството поради проблемите кои настанаа со трансферот на играчот Бојан Влакевски од екипата на Макпетрол во екипата на Вардар 2014.

Вчера се одржа средба помеѓу инволвираните странки во спорот кои ги презентираа своите ставови околу случајот Влакевски, во обид двете страни да се договорат за надминување на овој спор. Бидејќи на овој состанок двете страни не успеаа да дојдат до целосен договор, Претседателот на Кугларската федерација на Македонија, Александар Бичиклиски, користејќи го своето дискреционо право ја донесе следната одлука:

Согласно член 4 од Уставот на Република Македонија и член 7 од Законот за спорт, како и согласно претходните насоки добиени од стручните лица од Агенцијата за млади и спорт, земајќи го на прво место правото на слободна волја на играчот за напуштање на матичниот клуб, на Бојан Влакевски му се дозволува трансфер во клубот “Вардар 2014” и настап во вториот дел од првенството. Неговиот трансфер и настап се условени со исполнување на два услови:

1. Клубот “Вардар 2014” на клубот “Макпетрол” треба да му исплати сума за трансферот во износ од 800 евра, согласно член 18 од Правилникот за регистрација.

2. Бојан Влакевски треба да ги врати паричните средства земени однапред од КК “Макпетрол”, согласно член 3 од анексот на договорот на играчот со клубот.

Овие два услови мора да бидат исполнети до сабота со цел да се овозможи трансфер на Влакевски во “Вардар 2014” и настап во вториот дел од првенството.

Во однос на спорот со облигационите односи помеѓу инволвираните страни, Кугларската федерација на Македонија нема ингеренции за одлучување по однос на ова прашање и ги упатуваме страните нивниот спор да го решаваат пред надлежните судски инстанци.