Во судирите во Нагорно Карабах загинале 16 Азербејџанци

Шестнаесет припадници на азербејџанската армија изминативе два дена загинале во судирите со сепаратистичките сили во Нагорно Карабах, соопшти Министерството за одбрана на Азербејџан.

Ерменската телевизија синоќа објави дека во судирите во изминатите три дена се убиени 20 припадници на војската во Нагорно Карабах, а 72 се повредени.

Министрите за надворешни работи на Русија и на Германија, Сергеј Лавров и Франк-Валтер Штајнмаер, вчера разговараа за ескалацијата на ситуацијата во Нагорно Карабах и ги повикаа двете страни на воздржаност.

Двајцата министри се согласиле дека воена опција не е решение за проблемот, барајќи итен прекин на огнот и враќање на преговорите со посредство на Минск групата на ОБСЕ.

Претходно шефот на руската дипломатија разговараше за ситуацијата во Нагорно Карабах и со американскиот државен секретар Џон Кери.

Француските власти соопштија дека денеска во Виена ќе се одржи состанок на групата „Минск“  во врска со најновите случувања во Нагорно Карабах.