Волшебен, единствен, легендарен – Ферари прославува 70 години

Додека викендов Ферари (Ferrari) го прославува 70-от роденден, некои од постарите модели на аукциите се продаваат за милиони евра, а новите и натаму се најбрзите на автодромите ширум светот

Ферари јубилејот ќе го одбележува три дена. Во петокот во Милано ќе се соберат околу 500 автомобили, а во саботата прославата ќе продолжи во Модена и, на крајот, во неделата во колепката на еден од најпознатите брендови на производители на автомобили во Маринело, ќе присуствуваат само избраните.

„Ферари е митски бренд. Со своите успеси на трките, Ферери е врв меѓу спортските автомобили, тоа е волшепството на звукот и брзината“, вели автомобилскиот стручњак Патрис Вергес.

Оваа единствена приказна во историјата на автомобилизмот започнува во 1929 година кога славното коњче издигнато на задните нозе со италијанската тробојка првпат се појавил на тркачките патеки на автомобилите на „Алфа Ромео“, кој ги возел младиот Енцо Ферари. Со „Алфа Ромео“ соработувал до 1938 година, кога се одлучил да се посвети на градење сопствената фабрика за автомобили.

Но дури во 1947 година првиот „Ферари“ со ознаката „125 S“, излегол од погонот во Маринело. Типот „Ферари 125 S“, плод на творечката имагинација и инвентивноста на Енцо Ферари, бил украсен со денес за сите препознатливиот симбол во чест на Франческо Барака, италијанскиот воздухопловен ас од Првата светска војна, кој го дизајнирал и го насликал на опашката на својот авион.

„Мајката на славниот пилот, кој загинал во акција во 1918 година, еден ден ми кажа: ‘Cavalino rampante’ (пропнатото коњче) на мојот син мора да биде на твоите автомобили, ќе ти донесе среќа’“, раскажа изминативе години Енцо Ферари, кој во симболот ја додал жолтата основа, бојата на неговата родна Модена.

Сето натаму е историја. По 68 сезони „Ферари“ е најдолговечната и најуспешната екипа во Формула 1. Популарната „Скудера“ забележа 228 победи на трките за Големите награди, 16 екипни и 15 поединечни шампионски титули.

„Ферари“ го поседува и рекордот на најскап автомобил продаден на наддавање. Моделот „Ferrari 335 S Scagiletti“ од 1957 година минатата 2016 година на аукцијата во Париз беше купен за 32 милиони евра.

И модерните конвенционални модели на „Ферари“ можат да си ги дозволат само богатите среќници кои се подготвени да платат од 150.000 до повеќе милиони евра за ограничените серии. Покрај тоа, мора да бидат и трпеливи, зашто, на пример, за моделот „Ferrari 488“ се чека три години.

Деловните резултати можат само да предизвикаат завист кај другите производители на автомобили. Така, минатата година компанија испорачала само 8.014 автомобили и остварила чиста добивка од 400 милиони евра.

„Ферари ја негува највисоката занаетчиска вештина во комбинација со блискиот дијалог со своите купувачи“, вели професорот за економски стратегии на универзитетот во Милано, Карло Алберто Карневале Мафе.

Со тоа, продолжува професорот, во својата услуга успева да вгради многу барања од своите клиенти, персонализирани управувачи, седишта, поединости во внатрешниот дизајн, а тоа овие умеат да го ценат.

„Но тоа треба и да се заслужи. Морате да бидете дел од клубот. Има многу од новите богаташи кои би сакале тоа да станат, но не ги примаат лесно“, истакнува Мафе.