Илагелаци ја преплавија Македонија, Јанкуловска бара помош од ЕУ

Бројот на илегални мигранти за изминативе девет месеци е речиси четири пати поголем за разлика од лани. Вкупно 370 илегални мигранти биле откриени во текот на цела 2013 година, додека само во изминативе девет месеци достигната е бројка од околу 1.300 лица кои нелегално влегле во земјава.

Македонија останува транзит за мигрантите од арапските земји, кои во потрага по подобар живот, преку земјава се обидуваат да стигнат до некоја од западноевропските земји.

Минатата година 110 лица добиле кривична пријава за криумчарење на откриените 370 илегални мигранти.

Од МВР велат дека мигрантите во најголем дел доаѓаат од Сирија и Авганистан и дека некои од нив се сместуваат во Прифатниот центар во Гази Баба, дел во Центарот за азиланти во Визбегово, а некои од нив се депортираат во Грција од каде што и влегле во земјава.

– Околу 1.300 илегални мигранти се откриени во земјава во изминативе девет месеци, а за нивното криумчарење поднесени се кривични пријави против 46 лица. Мигрантите во најголем број се од Сирија и Авганистан, а во Македонија влегуваат илегално од Грција, велат од МВР.

Оттаму додаваат дека откако илегално ќе влезат во Македонија мигрантите бараат начин да си обезбедат превоз, најчесто такси превозници, камиони, па дури и товарни возови, со што се обидуваат илегално да ја напуштат земјава.

Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, по извештаите за зголемениот број на бегалци, во понеделникот упати апел за помош до Европската унија.

– Никогаш не сме имале таков огромен притисок врз некои балкански земји во историјата, потецирала Јанкуловска.

Таа додала дека во некои земји има десетици илјади, па дури и стотици илјади бегалци кои бегаат од земји погодени од војната и се обидуваат да стигнат до Западна Европа.

За потсетување, седум мигранти го загубија животот во изминативе две недели, на нивниот пат кон Србија.

Двајца браќа на возраст од 22 и 23 години кои избегале од Сирија беа прегазени од воз во близина на Градско на 13. ноември. Татко од Авганистан и неговото 45 дена старо бебе го загубија животот на истата делница на 5. ноември, а четири дена претходно загинаа 22 – годишно момче и неговиот татко.

Педесет и петгодишен Сириец загина на истата возна линија на 2. ноември, додека пак на 10 –ти истиот месец неидентификувано машко тело било пронајдено во близина.

Дваесет и осум илегални мигранти од Сирија, Сомалија и Судан беа уапсени минатата недела.

Портпаролката на СВР Велес, Анита Стојковска вели дека граѓаните не се жалат од мигрантите, и за нив велат дека се „мирни луѓе кои минуваат опасен пат за да стигнат до подобра иднина“.

Неименуван извор од Центарот за азиланти во Скопје вели дека има мигранти кои пешачат по опасни рути од три до пет дена за да ја минат Македонија и додава дека нивото на опасност е зголемено бидејќи мигрантите се кријат преку ден, а пешачат навечер, период кога се случени најголемот дел од несреќите.

Македонија во изминативе две декади има прифатено голем број бегалци.Околу 1.800 мигранти побарале азил во 1991-та година по падот на комунизмот во Албанија. Кога еруптираше војната во БиХ околу 35 илјади Босанци мигрира во земјава, каде беа сместени во седум бегалски кампови.Исто така во Македонија беа примени околу 390.000 бегалци по војната која изби на Косово во 1999-та година.