За Каменос промените во македонскиот устав се „апсолутен предуслов“

Спорот за името била една од темите за кои разговарале во понеделникот грчкиот премиер Алексис Ципрас и коалицискиот партнер во неговата влада, Панос Каменос, на нивниот состанок во премиерската резиденција во Атина.

Панос Каменос, по средбата рече дека ставот на Независни Грци, против употребата на терминот Македонија, е непроменет и додаде дека сега топката е на македонска страна.

„Познати се позициите на Независни Грци за скопското прашање за неупотреба на терминот Македонија во било кое решение. Освен тоа, разговорите за скопското прашање во овој момент се во рацете на поранешната југословенска Република во однос на тоа дали ќе се направат уставни промени. Уставните промени се апсолутен предуслов“, изјави Каменос по средбата со Ципрас.

Како што јавува дописникот на МИА од Атина, лидерот на Независни Грци ги демантирал шпекулациите за напуштање на владата, велејќи дека соработката со Ципрас „ќе продолжи до крај, со комплетно почитување на црвените линии и различните политички позиции кои од почетокот јасно и чесно ги поставивме како услов за нашата соработка“.