Загрижувачки раст на корисници на дрога во Албанија

Албанија нема официјални податоци за корисниците на дроги, но експертите тврдат дека потрошувачката на наркотични супстанции достигнала застрашувачки размери, објави телевизијата Top Channel.

Се проценува дека има околу 70.000 корисници, но бројките се поголеми. Уште позагрижувачка е употребата на наркотични супстанции, класични форми на канабис, но и нови дроги од страна на тинејџери и ученици, момчиња и девојчиња, се наведува во прилогот.

„Мозокот на адолесцентите се развива а супстанциите предизвикуваат да немаат сеќавања, мисли надвор од реалноста, халуцинации. Причинетата штета не се лекува“, истакнува доктор Андија Мекси.

Додава дека е зголемен бројот на 15-годишници и 17-годишници кои се јавуваат на психијатрија со симптоми на анксиозност или мисли надвор од реалноста.

Експертите ги советуваат родителите да внимаваат кога ќе забележат промени во однесувањето кај нивните деца.

„Тинејџерите и учениците се цел на продавачите на дроги, кои секогаш се наоѓаат во близина на училиштата, бидејќи од љубопитност на млада возраст тинејџерот подоцна се претвора во сигурен купувач“, нагласува Мекси.

Поради загрижувачка појава на присуство на продавачи на дрога во близина на училиштата и кафулиња, албанската полиција воведе редовно присуство на полициски патроли кај овие објекти.