Захариев даде отчет за сработеното: Реализирани над 220 инфраструктурни проекти

Над 220 инфраструктурни проекти се реализирани во текот на двегодишниот мандат на градоначалникот на Штип, Илчо Захариев, кој денеска даде отчет за сработеното.

Захариев вели дека неговата програма била направена согласно желбите и потребите на граѓаните, и оти во текот на изминатите две години се решиле низа проблеми со водоснабдувањето во градските, но и во руралните средини, се изградиле нови канализациски мрежи и нови улици, а се уредуваат рече, и коритата на реките Отиња и Брегалница, пренесува МИА.

– Реката Отиња заслужува да биде средена да биде пример за нашиот град, рековме дека реката Брегалница ќе ја доближиме до граѓаните тоа веќе и го направивме преку изградбата на шеталиште, сите паркови се одржуваат беспрекорно, секако дека во активностите беа ангажирани и нашите јавни претпријатија, без кои не можевме да ги реализираме проектите. Така што, морам да кажам дека ЈП „Исар“ ги асфалтираа улиците на Градските гробишта, продолжуваат сега да ја асфалтираат улицата до Еврејските гробишта, бањата Кежовица се реновира, потоа Градскиот пазар, засадивме многу дрвја, уредивме многу пракови, административниот дел се среди, направивме Зоолошка градина, стариот парк Бриони го дотеруваме и деновиве ќе биде пуштен во употреба. Во секоја населба се потрудивме да ги решиме комуналните проблеми, вели Захариев.

Тој додаде дека во текот на овој период на Штип му претстои градежна офанзива, со изградба на нови улици и реконструкција на старите низ населбите.

– Во текот на наредниот период ќе асфалтираме над 20 витални улици, во селото Врасково, потоа сите улици во населбата Железничка, улиците во Балканска, потоа улиците во селото Чардаклија, ќе се изгради патот до Суво Грло, веќе до Пухче го асфалтираме, потоа во селото Долани. Морам да кажам дека во централното градско подрачје деновиве ја асфалтиравме улицата Кеј Маршал Тито, во моментов веќе се асфалтира Вита Поп Јорданова, ќе ја асфалтираме дел од улицата Тодор Коларов до Клиничката болница, ќе се асфалтира улицата кон населбата Деснаци, на улицата Христијан Карпош работиме интензивно, од утре почнува асфалтирањето на улицата Славчо Стојменски, рече Захариев.

Тој додаде дека и други улици ќе се асфалтираат во централниот дел на градот но и низ населбите, како што е населбата Баби, а ќе се изгради и канализациона мрежа во приградската населба Стар Карорман.

Захариев нагласи дека Штип нема средства да гради приоритетен проект како што е 70 катница, но, како што посочи, граѓаните во текот на наредниот период од локалната власт ќе добијат средени улици, паркови, паркинзи, согласно нивните барања. Благодарение на Владата додаде, се градат и најприоритетните проекти за центарот на истокот, а тоа е автопатот Миладиновци-Штип, потоа новата Клиничка болница, чија изградба се очекува во јуни, изградба на автопат до Кочани и експресен пат до Радовиш.