„Жалгирис“ по 19 години ќе игра на фајнл фор

Легендарниот Шарунас Јасикевичиус не ги криеше своите емоции и заплака по победата на „Жалгирис“ против „Олимпијакос“ за триумф од 3:1 во серијата и пласман во полуфиналето на Евролигата. Со победата во Каунас од 101:91, Литванците после 19 години чекање ќе играат на фајналфор турнирот во Белград.

Кошаркарите на „Жалгирис“ од почеток влегоа посигурни во мечот и постепено ја зголемуваа разликата. За разлика од претходниот натпревар, во кој имаа извонреден процент на шут од 72 отсто, вчера Литванците беа помалку прецизни.

Едгарас Улановас, кој во првите трите три натпревари имаше само 5 коша, вчера „екплодираше“ со 20 коша и 9 скока и ги водеше „Жалгирис“ до „+23“ во третата четвртина. Лктванците и во последниот период влегоа со двоцифрена предност, но во последните три минути „Олимпијакос“ успеа да намали па влегоа во интересна завршница. Сепак, при предност од седум поени Костас Папаниколау направи намерен фаул, по што беше исклучен па „Жалгирис“ без проблем го доведе мечот до крај. Василис Спанулис беше најдобар кај Грците со 19 коша и 6 асистенции, како и Папаниколау со 15 поени. Освен Улановас, кај Литванците се истакна и Кевин Пангос со 21 кош и 4 асистенции.

„Влеговме во серија во која знаевме дека имаме шанса. А после првиот меч тоа дефинитивно ни стана јасно. Ние веруваме. Овие момци се посебна група. Вистина е, немаат многу искуство, но нема многу тимови кои се борат на тој начин како што го прави „Жалгирис“. Своето неискуство го надополнуваат со неверојатен дух. Им симнувам капа. Сега одиме да славиме, ќе бидеме подготвени за Белград, рече тренерот на зелените, Јасикевичиус.

Во првото полуфинале на турнирот Литванците ќе се сретнат со актуелниот шампион, турскиот „Фенербахче“, кој вчера во Шпанија славеше против „Басконија“ со 83:92 за конечни  3:1 во серијата. Шампионот загуби во претходниот натпревар и ја прекина серијата од 11 последователни победи во доигрувањето на Евролигата, но не дозволи и втор пораз.

„Басконија“ имаше водство само во првата четвртина, но „Фенербахче“ веќе во третата четвртина имаше максимална предност од 21 поен, па прашањето за победникот беше решено.

Најефикасен кај Турците беше Марко Гудуриќ со 22 поени и 3 асистенции и Николо Мели со 21 кош, а Винсент Поире со 14 коша и 5 скока.